Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата од Министерството за здравство за давање согласност за преземање обврски, за чие плаќање е потребно користење буџетски средства за набавка на комбинирана терапија со лекот„кафтрио“  и лекот „калидеко“, за пациентите со цистична фиброза во државата.

Владата даде согласност за преземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење буџетски средства во 2024 и 2025 година на Министерството за здравство, за набавка на ваквата комбинирана терапија, во вкупна вредност од 854.549.942,40 денари.

Се работи за лек што e одобрен од Европската медицинска агенција, а ефектот од терапијата, според информацијата од Министерството за здравство е брз, значителен и одржлив и се користи како стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза на возраст над 6 години.

Задолжено е Министерството за здравство да достави до Владата Предлог Програма за обезбедување терапија за пациенти со цистична фиброза, за 2024 година.

Ова се дополнителни пари, на веќе одобрените од Министерство за здравство, а кои ќе се користат од март 2024, како посебна програма за пациентите со цистична фиброза.

Претходно, пред два дена, на 22 ноември, Министерството соопшти дека одобрило дополнителни 100 милиони денари за обезбедување на лекот „кафтрио“ („трикафта“) во комбинација со „калидеко“ за дополнителни пациенти со цистична фиброза. Со тие пари што веќе се одобрени за Детската клиника, ќе се обезбеди лекот за до март 2024, а со денешните одобрени од Владата, за следните две години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.