Како последица на сè повисоките температури во Европа и Централна Азија околу 377 деца починале во 2021 година – се вели во новата анализа на податоци „Победете ја горештината: детското здравје сред топлотните бранови во Европа и Централна Азија“ од 23 земји од регионот објавена денеска од УНИЦЕФ.
Анализата открива дека половина од овие деца починале во првата година од животот од болести предизвикани од топлина. Повеќето деца починале во летните месеци.
Околу половина од децата низ Европа и Централна Азија – или 92 милиони деца – веќе се изложени на чести топлотни бранови во регион каде што температурите растат со најбрзо темпо во светот. Сè повисоките температури може да предизвикаат сериозни здравствени компликации кај децата, особено кај најмалите, дури и за кратко време. Без соодветна нега, ваквите компликации може да бидат опасни по живот, рече Регина Де Доминисис, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.
Изложеноста на топлина има акутни ефекти врз децата, дури и пред да се родат, па може да доведе до предвремено породување, мала тежина при раѓање, мртвороденче и вродени аномалии. Топлотниот удар претставува директна причина за смртност кај доенчињата, може да го засегне нивниот раст и да предизвика низа педијатриски заболувања. Исто така, во извештајот се забележува дека екстремните горештини предизвикале загуба на над 32.000 години здрав живот кај децата и тинејџерите во регионот.
Бидејќи температурите и натаму растат, УНИЦЕФ ги повикува владите низ Европа и Централна Азија да интегрираат стратегии за намалување на ефектот од топлотните бранови преку Националните утврдени придонеси, да инвестираат во здравствени акциски планови за справување со екстремни температури и во примарната здравствена заштита за обезбедување посоодветна поддршка при болести предизвикани од топлина кај децата, да инвестираат во системи за рано предупредување, каде што спаѓаат и системи за предупредување при топлотни бранови, да ги адаптираат образовните установи за да се намалат температурите во просторот каде што децата учат и да ги подготват наставниците како да постапуваат кога има топлотен бран, да ги приспособат урбанистичкото планирање и инфраструктурата, како и да обезбедат опременост на зградите, посебно на оние во кои се сместени најранливите заедници, за да се минимизира изложеноста на топлина, да се обезбеди снабдување со чиста вода, особено во земјите каде што квалитетот и достапноста на водата се влошуваат.
Иако топлината не е главен фактор што придонесува за смртност на доенчињата во Македонија, изложеноста на чести топлотни бранови и понатаму загрижува, налагајќи националните климатско-еколошки политики континуирано да ги земаат предвид децата и младите.
Покрај повиците за владина акција од регионалното соопштение за печатот, во Македонија треба да се размисли за адаптирање на предучилишните и образовните установи, и оспособување на наставниците и родителите да одговорат на топлотниот стрес. Адаптацијата на училиштата често се превидува затоа што топлотните бранови најчесто се појавуваат за време на летниот распуст. Но, бидејќи климатските промени водат до почести топлотни бранови и периоди на високи температури и на крајот од пролетта и на почетокот од есента, образовните установи треба да се подготват за топлотните шокови, за да се избегне затворање на училиштата или продолжување на летниот распуст како резултат од екстремните температури.
Освен тоа, постои потреба да се инвестира во ажуриран здравствен акциски план за справување со високите температури и во примарната здравствена заштита за да се обезбеди адекватна поддршка на превенцијата, раниот одговор, дијагнозата и третманот на болестите кај децата предизвикани од топлина. Планот треба да даде приоритет на најранливите деца, меѓу кои спаѓаат децата што живеат во сиромаштија, во супстандардни услови на домување, децата со попреченост и децата што живеат и работат на улица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.