Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната објавена вест на Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко по потекло од соседна Србија кај кое лабораториски е детектирано присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации. Граѓаните да бидат спокојни, „канцерогено“ млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Денес, со согласност на извозникот, од граница, тоа се враќа во Република Србија согласно законски дефинираните процедури – соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

За да нема идни шпекулации и замајувања на јавноста, дека граѓаните во земјава пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот по јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, на сила е Решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко која се увезува во земјава, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина. Мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање на задоволителен резултат од тестирањата. Оттаму, небулозно е денешното тврдење дека небезбедно млеко по потекло од соседна Србија завршило на рафтовите во продавниците“ – вели АХВ, додавајќи дека „веста“ на Трипуновски за млекото со афлатоксин е стара неколку месеци, а тој со неа денес се обидел да манипулира.

Ова млеко, во согласност со операторот, уште во април годинава нештетно е уништено и не е стасано во прометот – тврди Агенцијата.

Министерот за економија Крешник Бектеши во врска со обвинувањата дека во продавниците има над 20 тони трајно млеко од Србија со афлатоксин, ги повика граѓаните да им веруваат на институциите, а не на изјавите што ги даваат некои политичари за собирање дневнополитички поени.

АХВ е најкомпетентна институција за тоа во државата и јас имам целосна доверба во тоа што го кажува, а и граѓаните треба да им веруваат на институциите, а не на изјави што ги даваат политичари за некаква придобивка или за дневен интерес и собирање политички поени – потенцира Бектеши.

Трипуновски денеска на Фејсбук објави дека „на 21 септември оваа година во Македонија се увезени преку 20 тони трајно млеко од Србија, со рок на важност до 3 февруари 2024 година“ и дека ова млеко е пуштено во промет иако во него е детектиран афлатоксин М1, над максималното дозволено ниво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.