Министерот за здравство, Фатмир Меџити се обратил на отворањето на првата работилница за подигнување на свесноста за превенција на менталното здравје на децата, адолесцентите и младите луѓе во државава, преку вклучување на лидерки од локалните заедници.

Како министер за здравство, во септември годинава, прв пат во Министерството назначив надзорен комитет со претставници од сите релевантни чинители во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, како и претставници на професионални здруженија и експерти од областа. Надзорниот комитет има задача да ги следи активностите поврзани со превенција на менталното здравје и психосоцијалната состојба на децата и адолесцентите, во рамки на заедничката програма на СЗО и УНИЦЕФ, и да изготви Национален акциски план со мерки и активности насочени кон одговор на потребите за ментално здравје на помладата генерација, и тоа до крајот на оваа година, посочил министерот Меџити, соопштија од Министерството за здравство.

Најновите резултатите од последното истражување за однесувањето на деца од училишна возраст (на 11, 13 и 15 г.) во нашата земја, објавени минатата недела, се наведува во соопштението, покажале дека дури 57 проценти од девојчињата на 15 години пријавиле чести нерасположенија, речиси секојдневно во последните шест месеци.

Неопходно е заеднички да дејствуваме. Само со посветено партнерство и соработка помеѓу различните институции, младите, родителите/старателите и згрижувачите, граѓанското општество и меѓународните организации, ќе овозможиме поддршка за менталното здравје на нашите деца и адолесценти, додал министерот.

Воедно, министерот Меџити изразил благодарност до Канцелариите на СЗО и УНИЦЕФ во Скопје за континуираната поддршка при спроведување на активностите поврзани со менталното здравје на децата и адолесцентите, како и на граѓанското здружение „БИОМ- Центар за одржлив развој“ за ангажманот и посветеноста во вклучувањето на претставници – лидерки од локалната заедница.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.