Деца кои се вакцинирани со трета доза ДиТеПер во последните шест месеци може да одат во градинка, реши Комисијата за заразни болести. Задолжително е во следните шест месеци да се изврши и ревакцината, соопшти денеска претседателот на Комисијата проф. д-р Александар Петличковски.

Д-р Петличковски рече дека не може да каже кога Министерството ќе достави известување до градинките, но може да се очекува тоа да биде денеска или во следните денови.

На седницата на Комисијата за заразни болести ја имавме како гостин проф. д-р Александра Грозданова од Комитетот за имунизација, со цел да ги дообјасниме препораките кои беа дадени. Дообјаснувањето се однесува на деца кои примиле серија вакцинална од три дози, ја завршиле примоимунизацијата во последните шест месеци и сега им следи ревакцина која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци, но овие деца кои ја завршиле примовакциналната серија во последните шест месеци треба да им биде дозволено да влезат во градинка, со напомена дека оваа ревакцина редовно треба да ја примат во следниот период односно после шест месеци најрано од примањето на третата доза“, рече д-р Петличковски.

Петличковски истакна дека состојбата не е добра, не е стабилна, а во оваа состојба сме се довеле заради многу години наназад неодговорно однесување на многу граѓани.

Оној податок од 50 проценти вакцинирани деца по градинките е поразителен податок за државата. И тука мора многу да работиме. Имаме разбирање, имаме и научна поткрепа дека овој малку олабавен начин на проценка на имунитетот со трите дози помага, но не знам до кога ќе остане затоа што ако состојбата со оглед дека сега сме веќе со бројки над 170 случаи во Скопје и над 200 во државата и веројатно тој број и понатаму ќе расте, можно е во следниве недели да излеземе со построги епидемиолошки мерки. Се зависи од развојот на ситуацијата. Тоа е главниот заклучок на денешниот состанок“, посочи д-р Петличковски.

Проф. д-р Грозданова изјави дека од медицински и имунолошки здравствен аспект процениле дека детето вакцинирано со три дози во последните шест месеци, завршена примоимунизација ќе биде оптимално заштитено со цел да може да продолжи да посетува градинка, да се социјализира со напомена дека ревакцината мора да биде примена во следните шест месеци.

Имунолошкиот аспект од аспект на заштита на детето ќе биде целосен доколку се задоволени и двата услови. Во шесте месеци да бидат примени тие три дози од примо имунизацијата, но задолжително да се прими ревакцината, којашто временскиот период го скративме, наместо од последната доза на вакцина една година, го скратуваме на шест месеци. Тоа се препораките до родителите. Да го сфатат овој апел со цел нормално да соработуваме, но, приоритет е здравствената заштита на децата. Се’ уште епидемиолошката состојба е далеку од добра и се зголемува. Имаме во градинките, имаме во училиштата, во ризик ќе бидат и возрасните. Апелираме до родителите најитно да се упатат во вакциналните тимови и овој редослед на вакцини го остварат“, потенцираше д-р Грозданова.

Од Комисијата за заразни болести ќе апелираат до градинките да вршат поинтензивна проверката на вакциналните картони и притоа да биде вклучена и проверката за МРП вакцината за да не ни се случат две епидемии истовремено. Според д-р Грозданова, децата можат во ист ден да примат и ДиТеПер и МРП вакцина.

Комитетот за имунизација до вакциналните тимови и официјално испрати препорака детето кои прима вакцина ДиТеПер на 18 месеци, заедно да се прими и МРП вакцина. И веќе тоа се прави во вакциналните пунктови. Треба да им се објасни на родителите дека не постои проблем двете вакцини да се примат во ист ден, рече Грозданова.

Петличковски нагласи дека вакцинацијата може да се одложи поради болест, кај многу деца календарот е изместен поради коронавирусот, но потврди за привремена спреченост не постојат ниту, пак, некој ги издава. Постојат само потврди за трајна спреченост за вакцинација во одредени случаи и ги повика родителите да ги вакцинираат децата оти во ризик може да бидат доведени и возрасните.

Во град Скопје е прогласена епидемиија на голема кашлица.

Според календарот за имунизација, вакцината против голема кашлица се прима во три дози – на двомесечна, тримесечна и на шестмесечна возраст. Ревакцината треба да се прими на 18-месечна возраст односно една година по последната од трите дози на вакцината. На четири години се прима втората ревакцина за ДиТеПер.

Заклучно со 7 март во Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, најмногу од Скопје – 151.

Заболените лица се на возраст 1 месец до 70 години. Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 27 случаи припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 22 се деца на возраст од 1 до 4 години, а во возрасната група 10-14 години се пријавени 43 случаи, според извештајот на Институтот за јавно здравје кој се објавува секој петок.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.