Православната црква и верниците денеска го слават празникот на Преподобниот Ефтимиј Велики, голем светител кој уште за време на животот го почитувале и нарекувале син на светлоста.

Роден е во ерменскиот град Мелитина близу реката Еуфрат околу 377 година од благородни и угледни родители. Единец син, роден по молитвите на мајка му Дионисија, којашто имаше небесно видение за раѓањето на Ефтимиј. Се подвизуваше од младоста, најпрво во близина на својот роден град, а откако го посети Ерусалим во дваесет и деветтата година од животот, остана во пустината меѓу Ерусалим и Ерихон, наречена Фара. Деновите и ноќите ги исполнуваше со молитва, внатрешно богомислие, созерцание и телесен подвиг. Околу него се собраа многубројни ученици, од кои некои станаа славни светители: Киријак Отшелник, Сава Осветен, Теоктист и др. По Божји дар беше голем чудотворец: изгонуваше дем они, лечеше од тешки болести, изведе вода во пустината, умножи леб, пророкуваше.

Монасите ги учеше на трудољубие, велејќи: „Ако го јадете својот леб без труд, значи дека јадете туѓ труд“. Кога некои помлади браќа сакаа да постат повеќе од другите, тој им забрани да доаѓаат на општата трпеза за да не се погордеат заради својот поголем пост. Уште говореше дека за монахот не е добро да преминува од место на место, зашто: „Дрвото кое често се пресадува не носи плодови“. Секој што сака да прави добро може да го прави на местото каде што се наоѓа. За љубовта велеше: „Тоа што е солта за лебот, тоа е љубовта за другите добродетели“. Во првата недела од Чесниот Пост се оддалечуваше во пустина и таму остануваше во молчание и богомислие до пред Велигден.

Поради животот кој го посветил на други и учењето за тоа дека човек мора да пружи помош, дури и на непознати, Преподобниот Ефтимиј и денеска се смета за заштитник на слабите и несреќни луѓе.

Се смета дека е голем грев на ден да се избрака просјак од прагот или да се одбие да се помогне на некој кој бара помош. Ако тоа го направите, народот верува дека ќе се навреди Ефтимиј, а потоа животот ќе ви помине без негов благослов и ништо нема да ви оди од рака.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.