Митровден е празник посветен на светиот великомаченик Свети Димитриј, кој секоја година се празнува на 8-ми ноември.
Празникот се слави на целиот Балкански полуостров. Традиционално, Митровден го означувал почетокот на студеното време (зимата). Така, на Митровден се најмувале полјаци, протуѓери, кметови итн., кои служеле до Ѓурѓовден.
Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…
Свети Димитриј се роди во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос. Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата.
Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.
Митровден е еден од празниците со кој се поврзуваат голем број народни обичаи. Еден од нив е претскажувањето според времето – ако тој ден има дожд и мраз, нè очекува долга и студена зима со многу снег!
Исто така, постои и верување дека на овој празник, исто како и на Божиќ, би требало да бидете дома, освен ако не сте поканети на слава.
Оттука старото верување дека ако ноќта на Митровден ја поминете надвор од дома, цела година ќе спиете надвор од домот и ќе се „влечете“ по туѓи куќи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.