На иницијатива на Билјана Ангелова, сопруга на Амбасадорот на Бугарија во Македонија, трета година по ред ќе се реализира кампањата „Стоп за семејното насилство“. Оваа година, слоганот на кампањата е “Жртвите не се виновни!“, а фокусот е ставен на семејното насилство врз децата.

-Оваа година, одлучив акцентот на кампањата да биде ставен на насилството врз децата како директни, но и како индиректни жртви. Какви пораки се испраќаат до децата кои растат во средина полна со насилство и каков пример им се дава на тие деца? Децата се огледало на родителите. Ова се базира на фактот дека во формативните години на децата, тие учат по примерот на родителите. Детето кое расте во средина полна со насилство учи дека тоа е нормалниот начин на функционирање – со примена на насилство, или пак, со толеранција на насилство. Насилството е циклус кој се пренесува од една на друга генерација и единствениот начин да се прекине овој циклус е да станеме свесни за проблемот, да почнеме да се соочуваме со него и активно да работиме на тоа да бидеме вистински пример за нашите деца. Без исклучок. Затоа, ве повикувам да се организираме и на 12 декември, точно во 12 часот да излеземе на плоштадите во градовите и да кажеме СТОП на семејното насилство користејќи го меѓународниот знак на жртвите на семејно насилство кој од година в година спасува сѐ повеќе животи. Да оддадеме почит на сите оние кои не се меѓу нас, да се обединиме за жртвите на семејство насилство и да покажеме дека заедно сме посилни, изјави Билјана Ангелова, иницијатор на кампањата.

Семејното насилство е комплексен проблем кој може да се манифестира во различен облик – како емоционално, физичко или сексуално злоупотребување на партнерот и/или децата, како и нивно запоставување. Оваа форма на насилство претставува глобален проблем од сферата на човековите права и јавното здравје, кој циклично и континуирано се повторува. Речиси е невозможно да се превенира една форма на насилство, како насилство врз децата и нивно запоставување, каде што постои друга, како насилство врз интимниот партнер.

Поаѓајќи од статистичките податоци за минатата година, каде во Македонија се евидентирани 1.543 жртви на семејно насилство, од кои 227 се деца, во Бугарија од 736 жртви, 542 се деца, а во Косово, 120 евидентирани деца – жртви на семејно насилство од вкупно евидентирани 2.735 случаи, евидентно е дека иако различни по голем број параметри, Македонија, Бугарија и Косово имаат ист проблем – СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО. Насилството не препознава земји и граници, туку е заеднички, комплексен проблем против кој сите се бориме. Токму затоа, се надеваме дека Институциите, Авторитетите и дипломатските претставништва ќе искажат интерес и ќе ја поддржат оваа иницијатива.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.