Уреди кои вклучуваат и мобилни телефони ќе се забранат во училниците за да не се наруши текот на учењето, објавија холандските власти.

„Би-би-си“ пренесува дека новото правило ќе се воведе во училиштата и ќе започне со почетокот на следната учебна година.

Правилото за забранета употреба на мобилни и слични уреди ќе има исклучоци за ученици со посебни медицински потреби или со инвалидитет, а тоа нема да важи и за часовите за дигитални вештини.

Иако забраната не е законски официјализирана, холандското министерство за образование истакна дека во иднина, тоа може да се промени.

Иако мобилните телефони станаа неизоставен дел од нашите животи, тие не припаѓаат во училниците. Учениците треба да се концентрирани и да ја имаат секоја шанса добро да учат. Има научни докази дека телефоните ги деконцентрираат“, изјавил министерот за образование Роберт Дијкграф.

Разни студии покажуваат дека ограничената употреба на мобилните телефони е поврзана со подобрена концентрација.

Забраната опфаќа и уреди како таблети и паметни часовници.

Според министерството за образование, секое училиште индивидуално ќе може да ги договори новите правила во консултации со наставниците, родителите и учениците.

На крајот на следната учебна година, холандското министерство ќе го процени влијанието на новото правило и ќе одлучи дали таа ќе биде законски воведена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.