Сувото зимско време кое трае неколку недели предизвика загриженост дека Италија е во опасност од уште една суша по минатата пролет кога состојбата беше алармантна. Научниците и еколошките здруженија велат дека главна причина за сушата е тоа што на Алпите падна помалку од половина од нормалната колична снег.

Венеција каде поплавите се главен проблем, се соочува со необично ниски плими кои ги спречуваат гондолите, таксите на вода и возилата на брза помош да пловат по каналите, пренесува „Гардијан“.

За проблемите на Венеција се виновни комбинација на фактори вклучувајќи го недостигот на дожд, високиот воздушен притисок, полната месечина и океанските стуи. Здружението за заштита на животната средина „Легамбиенте“ во понеделникот соопшти дека италијанските реки и езера страдаат од сериозен недостиг на вода, при што северните региони на земјата се особено загрозени.

Најдолгата италијанска река По, која тече од Алпите на северозапад, па се до Јадранот, има 61 отсто помалку вода отколку што е тоа вообичаено за овој период од годината, се наведува во соопштението.

Италија во јули минатата година ја претрпе најголемата суша во последните 70 години и прогласи вонредна состојба во областите околу реката По, кои сочинуваат околу третина од земјоделското произдвоство во земјата.

Ситуацијата со дефицит на вода почна во зимата 2020/2021 и оттогаш проблемот постојано расте. Потребни ни се 50 дена дожд за да надоместиме 500 mm во северозапоадните региони, рече стручњакот за клима Масимилијано Паски од италијанскиот научно-истражувачки институт  CNR.

Нивото на водата во езерото Гарда во северна Италија падна на рекордно ниско ниво, што овозможи да се стигне пеш до малиот остров Сан Бјаџо. Антициклонот доминира со времето во западна Европа веќе 15 дена и носи благи температури кои се вообичаени за доцна пролет. Најновите временски прогнози најавуваат врнежи од дожд и снег на Алпите во следните денови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.