Рибата драгон, или како што кај нас ја нарекуваат – риба пајак или змеј риба, е една од опасностите заедно со медузите што демнат во морето на неколку локации што традиционално во текот на сезоната ги посетуваат туристи од регионот.
При убодот испушта отров предизвикувајќи силна болка.
Оваа отровна риба може да се сретне на бреговите и островите на Грција, Хрватска, Црна Гора и Албанија, а секојпат сценариото е идентично – убодот се случува во плиткото, каде што практично е невидлива.
Се крие во песок и чакал, долга е 10-ина сантиметри и има остри црни боцки на грбните перки. Поради својот карактеристичен изглед и бои, оваа отровна риба дејствува како камелеон бидејќи совршено се асимилира во својата околина. Она што е важно да се наведе е дека рибата змеј, односно рибата пајак, не е предатор и не напаѓа, туку средбата со отровните боцки се случува кога ќе ја згазнете, а таа инстинктивно ги активира како одбранбен механизам.
Поради оваа причина, капачите се советуваат да бидат внимателни при влегување во водата, особено на плажите на кои и претходно се случувале убоди.
Кога ќе наидете на нејзините боцки, иако болката е интензивна, важно е да останете присебни. Најпрвин, додека убодот е уште свеж, најдобро е стапалото да се натопи во топла вода, односно во вода чија топлина можете да ја издржите. Овој процес се спроведува поради фактот што колку е потопла водата, толку е послаб ефектот на отровот бидејќи тој е термолабилен.
Важно е по овој третман, да добиете прва помош од лекар во форма на инјекција или антибиотици.
По убодот, покрај болка, се јавува и главоболка, чувство на задушување, мачнина, тешко дишење, болка во пределот на срцето, зголемено потење. Исто така, постојат некои индикации дека инфаркт може да се случи кај срцеви пациенти.
Советите на експертите од областа на морската биологија, како и медицинските работници, се кога ќе ве убоде змеј риба, да не го покривате местото, да го виткате со завој или да го затворате болното место.
По лекувањето, според оние што имале средби со оваа риба, болката понекогаш продолжува и во наредните денови.
„Пред неколку години ја згазнав на Олимпик Бич во Грција, многу лошо искуство. Таа испушти многу силен отров што ме остави во несвест. Веднаш по убодот, отидов кај доктор, кој ми даде инекција на местото на убодот, во стапалото“, напиша Србин во група на „Фејсбук“ посветена на Грција.
Уште полошо искуство доживеала жена, чиј син згазнал на риба змеј на Јадранот.
„Мојот син имаше лошо искуство на Јадранот на 15 години. Го убоде додека ја симнуваше од јадицата, не знаеше дека тоа е таа риба… Отокот беше ужасен, болката беше неподнослива, веднаш моравме да одиме на доктор“, пишува таа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.