Граѓаните кои планираат да го поминат летувањето покрај црногорското приморје, ќе мора во буџетот да ги планираат и дневните наплати за паркинг место, без разлика што ќе престојуваат во хотел. Истото важи и за плаќањето на лежалки и чадори на плажа, без разлика што таа припаѓа на хотелот. За двете ставки треба да одвоите од 10 до 15 евра дневно, пренесува „Новости“.

За жал, ваквата практика на хотелиерите не е нова, а според директорот на Националната асоцијација на туристички агенции (ЈУТА), Александар Сеничиќ, не се ни крие.

Црна Гора има голем проблем со недостигот на паркинг места во текот на сезоната. Конкретно, на Словенска плажа во Будва одамна е актуелно плаќањето паркинг место, бидејќи има 400 соби, а хотелите користат дел од јавниот паркинг. Тие закупуваат само по дваесетина места за гостите, објаснува тој.

Според Сеничиќ, тоа е пракса секаде во светот, иако туристите сметаат дека паркингот на повеќе места е вклучен во цената.

Патниците често се изненадени, но во општите услови хотелот наведува што е вклучено во цената. Како одговорен купувач, туристот треба да ја прочита програмата пред да склучи договор со агенцијата, смета Сеничиќ.

Кога станува збор за користењето на лежалки и чадори, хотелиерите повторно мораат да изнајмат дел од плажата поради пребукирање. А, според Сеничиќ, за да ги вратат вложените пари – ќе ги бараат од туристите.

За 110 евра дневно колку што го плаќам хотелот, очекував барем бесплатно и да не го носам паричникот на плажа за да платам лежалки, се пожали Маја С, жителка на Белград.

Таа непријатно се изненадила кога сфатила дека и покрај „ол инклузив“ пакетот во еден од луксузните хотели во Будва, во него не е вклучен паркингот или бесплатно користење на лежалки на плажа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.