Почна големиот градежен проект „Flyover“ кој се изведува на обиколницата околу Солун (Периферијакос) и ќе трае четири години, што ветува уште поголеми гужви за туристите од Македонија кои наредните сезони планираат да летуваат во овој дел на Грција, но и викенд-туристичките посети на пристанишниот град.

Најавувајќи го „Flyover“ како најголем грчки проект во последно време, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис побара разбирање и трпение од граѓаните за непријатностите што ќе ги донесат градежните работи. Во екот на летната сезона, самата обиколница околу Солун е преполна со возила, а оние кои случајно ќе залутаат низ центарот на градот, заглавуваат со часови. Сега, целиот сообраќај ќе биде пренасочен кон центарот, што гарантира хаос.

Во ноември почна да се гради најголемиот автопат во Грција. Да, ќе донесе некои непријатности, но за тоа разговаравме со градските раководители и во соработка со Управата за сообраќај, Солун конечно ќе добие нешто што му недостига, нагласи Мицотакис.

Дека гужвите на обиколницата веќе започнаа информираат и од групата „Грчка инфо“.

Гужвите на обиколницата започнаа, па ќе ни треба малку повеќе трпение летово, особено на туристите кои ќе летуваат на Халкидики (Тука не се брои Атос, бидејќи може да се стигне по друг пат), но и оние кои планираат да го посетат Солун за време на одморот, наведуваат во своето соопштение.

Според нивните информации, улицата „Егнатиа“ која поминува во центарот на Солун конечно е расчистена и на неа завршија градежните зафати, па сите коловозни ленти ќе бидат слободни. Исто така, на улицата „Цимиски“ и на авенијата „Никис“ (која се протега покрај морето до плоштадот Аристотел и Белата кула) полицијата постојано дежура и им забранува на автомобилите да запираат за да се забрза сообраќајот.


Инаку, проектот „Flyover“ ќе обезбеди подобро поврзување на источниот дел на Солун со јужниот дел, аеродромот, автопатот „Егнатиа“ и Халкидики. Ќе се работи на реконструкција, проширување на постојниот пат, изградба на 13 километри нов пат, девет клучки, 10 надвозници и три нови тунели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.