Во јавноста не престанува да се зборува за принцот Хари и неговата автобиографија „Spare“, но читателите наоѓаат многу контрадикторни тврдења во неа. Со последните фотограффи, пак, се доведени во прашање и неговите сеќавања. Според пишувањето на Хари, кога починала неговата прабаба, мајката на кралицата Елизабета, на 30 март 2002 година, тој го добил повикот за нејзината смрт додека бил во интернатот на колеџот Итон.

Бев во Итон кога го добив повикот. Би сакал да се сетам чиј глас беше на другиот крај, верувам дека беше некој од дворецот. Се сеќавам дека беше непосредно пред Велигден, времето беше ведро и топло, светлината паѓаше низ мојот прозорец, исполнета со живи бои, пишува Хари.

Меѓутоа, фотографиите направени во тој период покажуваат дека Хари тој викенд бил на скијање во швајцарското село Клостерс заедно со татко му Чарлс и брат му Вилијам. Тој на фотографиите позира со двајцата, а ова било негово прво појавување во јавноста откако признал дека пушел канабис и малолетен пиел алкохол, како што тогаш извести „BBC“.

Се чини од доказите дека принцот Хари без сомнеж бил во Клостерс кога мајката на кралицата починала. Поради тоа неговиот опис дека бил во Итон е неточен, истакнал кралскиот коментатор Ричард Фицвилијамс за „Daily Mail“.

Тој смета дека тоа е „сериозна грешка“ на принцот Хари, иако некои негови сеќавања би можеле да се измешаат како и кај секој друг човек.

Грешки како овие фрлаат сомнеж на вистинитоста на другите детали. Ако ангажирате писател да пишува за вас и не ги проверувате фактите како што треба, може да се случи ова. Книгата е толку контроверзна што не може да си дозволи вакви грешки. Голем дел од привлечноста на прозата лежи во описните делови. Но, постојат ли други неточности? Грешка како оваа го поставува прашањето, вели Фицвилијамс.

Останува прашањето како ќе реагира издавачката куќа на принцот бидејќи веќе е познато дека биографијата треба да има уште две продолженија, а досега има заработено 20 милиони долари. Наводно за секоја книга ќе добие толкав хонорар, што изнесува вкупно 60 милиони долари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.