Професорот по Механика од Битола, Дејан Трајковски создаде табела за пресметка на потрошената електрична енергија во секој момент. На тој начин граѓаните во секој момент ќе знаат во која група на потрошувачи припаѓаат.

„Во светло на најновото поскапување на електричната енергија, корисно е да имаме калкулатор за прелиминарна пресметка на следната сметка за ел. енергија.

Од линкот подолу секој може да ја преземе Ексел табелата (по отворањето > File > Download), со чија помош можеме да ги пресметаме потрошените количества и цени во сите 4 групи од високата тарифа, како и од ниската тарифа во даден ден.

Бидејќи праговите на потрошувачката во групите важат за бројот на денови од последната фактура до денешниот ден, не мораме да чекаме да поминат 35 дена, за да видиме дали сме пречекориле во некоја од поскапите групи.

Во табелата не мораме ништо да менуваме во розовите полиња сé до следното поскапување на електричната енергија.

Во жолтите полиња ќе менуваме само откако инкасантот ја отчитал состојбата, односно сме ја добиле фактурата за изминатиот период, а во зелените полиња можеме да менуваме секој ден, според состојбата на броилото. Во белите полиња не смееме да менуваме ништо, за да не ги нарушиме формулите.

Состојбите за висока и ниска тарифа од последната фактура ќе ги препишеме од колоната „Нова состојба“ на фактурата.
Состојбите за висока и ниска тарифа за денешниот ден ќе ги отчитуваме од нашето двотарифно броило. За да ја отчитаме состојбата од високата тарифа ќе почекаме да се појави шифрата 1.8.1, а за ниската тарифа – 1.8.2.

Во нашата табела ќе видиме и колку процентуално сме искористиле од секоја од групите и дали ни се заканува опасност да навлеземе во најскапата група ВТ4. Би требало по секоја цена да избегнуваме да навлеземе во таа група, бидејќи цената на еден киловатчас, со вклучено 5% ДДВ изнесува неверојатни 18,35 денари!!

Ова е за 139% поскапо од поранешната цена според високата тарифа.

Со рационално трошење ќе можеме и понатаму да добиваме разумни сметки за електрична енергија. Нека е со среќа!

Коментар. Иако праговите на групите РКЕ ги дава на ниво од 30 дена (210, 630, 1050 киловатчасови), тоа не значи дека при отчитување на 35 дена автоматски ќе пречекориме во најскапата група ВТ4, како што коментираа од Демократската партија на Албанците.

РКЕ ова го појаснува, односно ако отчитувањето се извршило на подолг период, да речеме 365 дена, праговите ќе бидат пресметани пропорционално, според дневните вредности на праговите (7, 21 и 35 киловатчасови дневно).“

Табелата можете да ја отворите ТУКА, а потоа да ги внесете вашите параметри.

НАПОМЕНА: За да можете да внесувате податоци во табелата, потребно е да ја даунлодирате (симнете) на вашиот комјутер, а потоа преку едит опцијата, или со едноставно кликање на полињата, да ги внесувате вашите параметри (бројки).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.