Ентероколити и овчи сипаници се двете најчести заразни заболувања евидентирани во септември, покажуваат податоците објавени во месечниот билтен на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.
Во текот на месец септември до ИЈЗ, пристигнати биле пријави за вкупно 796 заболени лица од акутни заразни заболувања – без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ во Република Македонија, со вкупна инциденца од 43,3 на 100.000 жители.
– Вкупниот број на пријавени лица во месец септември е за 17,2 отсто помал во однос на претходниот месец август 2024 година. Во однос на месец септември 2023 година, се регистрира намалување на пријавените лица од акутни заразни заболувања за 9,9 проценти, додека во однос на аритметичката средина за десетгодишниот период, се регистрира намалување од 50,0 отсто, се наведува во извештајот.
Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции без ХИВ/СИДА, регистрирани биле 13 заболени лица – пријавени се 11 случаи на вирусен хепатитис Б, по еден случај на сифилис и инфекции со хламидија.
Пријавени биле три потврдени случаи на ХИВ и два на СИДА во септември, лица кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 49 години.
Во вкупниот број на пријавените случаи на вакцино-превентабилни болести, 84,4 отсто биле на голема кашлица, појаснуваат од ИЈЗ, како резултат на тековната епидемија на територијата на град Скопје, Куманово и на Тетово.
Во Република Македонија во текот на месец септември, пријавени биле вкупно 288 случаи на Ковид-19. Во текот на месецот, регистрирани биле пет починати лица асоцирани со Ковид-19, сите од возрасната група над 60 години.
Пријавени биле два смртни случаја од акутно заразно заболување – без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ. Првиот регистриран смртен случај во месец септември е од бактериски менингит. Се работи за 74-годишно женско лице од Тетово. Кај пациентот, покрај основната болест, регистриран е и коморбидитет. Вториот регистриран смртен случај е од енцефалитис предизвикан од west nile вирусот (WNV). Се работи за 78-годишно машко лице од Кочани кај кое симптомите на заболувањето започнале на 9 септември, а во КИБФС било хоспитализирано следниот ден.
Во текот на месец септември, пристигнати се 10 пријави за заразни заболувања кај странски државјани кои престојувале во државава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.