Во Скопје скоро 50 отсто од децата кои посетуваат градинки се невакцинирани или се нецелосно вакцинирани против голема кашлица, односно не ја примиле вакцината ДиТеПер. Според првичните информации во другите градови во државата има покриеност со имунизација на ДиТеПер во предучилишна возраст во скоро над 95 отсто, кажа денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Рената Младеновска.

Во другите градови, во внатрешноста на државата родителите се одговорни и ја почитуваат обврската да го вакцинираат детето согласно календарот за имунизација. Очигледно е дека проблемот е тука, во градот Скопје, изјави Младеновска.

Младеновска информираше дека од вчера инспекторите на ДСЗИ се на теран за да извршат вонреден инспекциски надзор согласно одлуката што ја добиле од страна на министерот за здравство.

На приватните градинки уште вчера им се доставени решенијата и тие се контролираат исто како и државните.

Издадовме решенија во сите градинки на територија на град Скопје со забрана за прием на невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца со ДиТеПер согласно одлуката од министерот. Првичните информации од терен се дека скоро 50 проценти од децата кои посетуваат градинки на територија на град Скопје се невакцинирани со ДиТеПер или се нецелосно вакцинирани и лично сметам дека е поразителн факт за ова општество. Вчера исто така одговорните лица на градинките ни ги доставија списоците со невакцинирани деца и од таму се и бројките. Сметам дека оваа акција треба да продолжи, продолжува и денеска и во следните денови. Директорите на детските градинки ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат мерката, а дали ќе биде така ќе провериме денеска и во следните денови, изјави Младеновска.

Од вчера, 11 март градинките во Скопје не смееја да примаат деца на згрижување кои не се имунизирани со вакцината ДиТеПер или се нецелосно имунизирани со оваа вакцина против голема кашлица.

Вакцинацијата против голема кашлица во земјава се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV).

Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.

Првиот случај на голема кашлица беше пријавен на 5 јануари, а Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести.

На 8 март ДСЗИ ја доби Одлуката од Министерот за здравство врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи кои не се имунизирани со ДиТеПер или се нецелосно имунизирани со ДиТеПер.

На новинарско прашање дали вакцинирано дете треба да седи дома 21 ден или веднаш по имунизацијата да се врати во градинка, директорката на ДСЗИ рече дека од нивна страна таква мерка не е пропишана.

Ниту ДСЗИ, ниту Комисијата за заразни болести, ниту министерот за здраввство издала таква мерка. Апсолутно е неточно дека треба да се седи дома 21 ден по примена вакцина, рече Младеновска.

Според Младеновска, ДСЗИ постапува исклучиво по донесената препорака на Комисијата за заразни болести, односно одлуката на Министерот за здравство. Родители реагираат дека иако детето ја примило првата доза од вакцината, втората им била закажана за во мај, утринава им било кажано дека нема да биде примено во градинка.

Нема да правиме исклучок бидејќи ние сме само извршители во оваа ситуација. Ако Комисијата донесе друга препорака и министерот така ни наложи, така ќе постапиме. Се до овој момент ќе постапуваме како и досега, кажа Младеновска.

Од денеска се проверуваат и вакциналните картони. На прашањето кога се очекуваат првични резултати дали се примале и невакцинирани деца во градинките овие деновии Младеновска кажа:

Јас утринава ги добив првичните податоци. Се надевам дека во текот на оваа недела ќе имам информации за подетално да кажам дали се примаат невакцинирани деца и доколку се примаат ДСЗИ има можност да постапи по непочитување на решение и да изрече глоба и за правното и за одговорното лице во правното лице.

Како што беше и со епидемијата на морбили, подеднакво исто постапувме, рече Младеновска, одговарајќи на прашањето што ќе биде со оние деца кои поради оправдани здравствени состојби  не се имунизирраат. За нив е валиден картонот кој е потпишан од специјалистичко-конзилијарно мислење од Детска клиника.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.