Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска воведе санкции против сирискиот претседател Башар Ал Асад, пренесува РИА Новости.

Според текстот на указот објавен денеска на веб-страницата на украинскиот претседател, санкциите се воведени за период од 10 години и предвидуваат блокирање на имотот, забрана за повлекување капитал од Украина, престанок на економските и финансиските обврски, забраната за пренос на технологија и права на објекти на интелектуална сопственост.

Санкции се воведени и за сирискиот министер за надворешни работи Фајсал Микдад и премиерот Хусеин Арнус, се наведува во документот потпишан од Зеленски.

Претседателот на Сирија неодамна во Москва се сретна со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин и по тој повод уште еднаш ја потврди поддршката за „специјалната воена операција на Русија во Украина“.

Во интервјуто за „Соловјов во живо“ во четвртокот, Асад го изрази своето мислење за политичките активности на претседателот на Украина, посочувајќи дека претходно не знаел ништо за Зеленски и дека кога почнал да се појавува во медиумите, го гледале како кловн во Сирија.

-Неговите изјави се како комедија, која всушност ни се допадна. Дури и во политиката се однесува како комичар. Некогаш ни требаат такви кловнови, да ја размрдаат целата ситуација и да не насмеат што повеќе – рекол Асад.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.