Повеќе од 10 милиони Украинци во моментов се без струја, објави претседателот Володимир Зеленски, додека украинската војска соопшти дека енергетската инфраструктура на земјата е под постојан руски напад.

„Во моментов, повеќе од десет милиони Украинци немаат струја, особено во регионот на Киев“, рече украинскиот претседател во видео-обраќање, додавајќи дека властите наредиле принудно итно прекинување на струјата на некои места.

Првиот снег падна во Киев, а службите работат на враќање на струјата низ целата земја откако Русија на почетокот на оваа недела го започна, според Украинците, најтешкото бомбардирање на цивилната инфраструктура од февруари и почетокот на војната.

Украина обично има долги, студени зими со просечни температури ниски до минус 20 степени Целзиусови. Агенцијата на ОН соопшти дека затоа се наѕира сериозна хуманитарна криза, при што милиони ќе се соочат со „трајни прекини на електричната енергија“ оваа зима.

Украинската војска соопшти дека енергетската инфраструктура е под постојан напад на руски ракети и беспилотни летала, од главниот град Киев на север до реките Днепар во централна Украина и Одеса на југ.

Во изминатите 24 часа, украинските сили собориле два крстосувачки ракети, пет ракети од воздух и пет беспилотни летала Шахед-136 од иранско производство, тврди украинската војска. Украинската армија, исто така, извести дека најтешките борби во деветмесечната војна досега се водат во регионот на Донецк, при што руските сили се засилени со војниците повлечени од Херсон на југот.

Руските сили стрелале со артилерија врз градовите Бахмут и блискиот Соледар. Руски оган ја погоди и Балаклија во североисточниот регион Харков, како и Никопол, град во близина на Запорожје, дом на најголемата европска нуклеарна централа.

Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател, одделно објави дека седум лица се убиени во Запорожје и дека украинските сили ги одбиле руските напади врз градот Хулјајполе во тој регион.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.