Северна Кореја повторно лансираше интерконтинентална ракета која теоретски може да стигне до САД. Демонстрацијата на моќ од страна на севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун го засени Азиско-пацифичкиот самит во Бангкок, каде е најавена итна седница на САД, Јужна Кореја и други држави.

Интерконтиненталните ракети (ИЦБМ) се сметаат за најважни носачи на атомско оружје. Владите во Сеул и Токио денеска (18.11) ја обвинија Северна Кореја за сериозна провокација. Националниот совет за безбедност на Белата куќа во Вашингтон го осуди тестирањето на „балистичка ракета со долг дострел“ и го повика Пјонгјанг на сериозни преговори.

По лансирањето од регионот околу Пјонгјанг, ракетата летнала во насока на исток, кон морето, соопшти генералштабот на Јужна Кореја. Ракетата, како што соопшти јапонскиот премиер Фумио Кишида, најверојатно паднала во ексклузивната економска зона на Јапонија во морето, на околу 300 километри пред брегот.

Резолуциите на ОН ѝ забрануваат на Северна Кореја тестирање на секаков вид балистички ракети, кои, зависно од начинот на којшто се направени, може да имаат и нукеларна боева глава. Кон ИЦБМ ракетите се вбројуваат ракети кои имаат дострел од најмалку 5500 километри.

Развојот на стратешки ракети со голем дострел од страна на Северна Кореја е насочен особено против САД. Со последните ракетни тестови, според набљудувачите, Северна Кореја, освен што следи свои воено-технички цели, се обидува и да испрати јасен сигнал кон САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.