Сопругата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Олена, во големото интервју за „Вог“ изјавила дека таа и нејзините деца биле испратени на безбедно по неколку дена војна, колку што е можно да се биде на безбедно во земја која ја разоруваат руски ракети од крајот на февруари.

Олена Зеленска, првата дама на Украина и сопруга на претседателот Володимир Зеленски, откри како се чувствувала кога сфатила дека нејзината земја е под руска инвазија.

Олена (44), која првпат се појавила на насловната страница на украинскиот „Вог“ во 2019 година, повторно проговори за модниот магазин и откри како изгледа нејзиниот живот од почетокот на руската инвазија на Украина. Се присетила на самиот почеток, во раните утрински часови на 25 февруари и опишала дека ја разбудило „чукање“.

– Многу добро се сеќавам на почетокот. Беше вообичаен работен ден и вечер: децата се враќаа од училиште, вообичаените домашни работи, се подготвуваа за следниот училишен ден… Бевме напнати. Насекаде многу се зборуваше за можна инвазија. Но, до последен момент беше невозможно да се поверува дека тоа ќе се случи… во 21 век? Во современиот свет? Се разбудив, некаде помеѓу 4 и 5 часот наутро, поради чукање . Не сфатив дека тоа е експлозија. Не разбрав што може да биде. Мојот сопруг не беше во креветот. Но, кога станав, го видов веднаш, веќе облечен, во костум како и обично (ова беше последен пат кога го видов во костум и бела кошула – оттогаш е во воена облека „Почна.“ Тоа е сѐ што ми рече тогаш – изјавила Олена Зеленска за „Вог“.


Првата дама на Украина, која се омажи за Зеленски во 2003 година, вели дека владеела „конфузија“, но не и паника. Нејзиниот сопруг ја советувал „да ги собере основите работи и документите“, а таа чекала тој да даде повеќе детали. Олена открила и дека таа и нејзиниот сопруг веќе разговарале за сѐ со нивните две деца, 17-годишната Олександра и деветгодишниот Кирил.

„На децата не треба ништо да им објаснувате. Тие гледаат сè, како и секое дете во Украина. Се разбира, ова не е нешто што децата треба да го гледаат – но децата се многу искрени и поштени. Не можете ништо да сокриете од нив. Така што најдобрата стратегија е вистината. Со ќерка ми и синот разговаравме за сѐ. Се обидов да одговорам на нивните прашања“, изјавла Олена и додала: „Многу разговараме, бидејќи важно е да кажеме што нѐ боли, не треба молчиме и чуваме тоа во себе – тоа е докажана психолошка стратегија. Дејствува“, објаснила Олена.

Зеленска неодамна пишувала во францускиот весник „Ле Паризиен“, заблагодарувајќи им се на првите дами на другите земји и на „сите Европејци“ за помошта на украинските бегалци кои избегаа од војната.

„Војната веднаш влијаеше врз нас да се обединиме јавно и приватно. И тоа веројатно беше фаталната грешка на тиранинот кој нѐ нападна. Сите ние сме прво Украинци, а дури потоа сѐ друго. Сакаше да нѐ подели, разбие, да предизвика внатрешни конфликти, но тоа е невозможно да се направи со Украинците. Кога некој од од нас е мачен, силуван или убиен, чувствуваме дека сите сме мачени, силувани или убиени. Не ни треба пропаганда за да почувствуваме граѓанска свест и да се спротивставиме. Токму тој личен гнев и болката, кои сите ги чувствуваме, во моментот ја активираат жедта за акција, за давање отпор на агресијата, за одбрана на својата слобода. Секој тоа го прави како што може: војниците со оружје в раце, учителите продолжуваат да подучуваат, лекарите спроведуваат сложени операции додека траат нападите. Сите станаа волонтери – уметнииците, рестораторите, фризерите – додека варварите се обидуваат да ја заземат нашата земја. Видов дека тоа буди најдлабоки патриотски чувства кај нашите деца. Притоа не мислам само на моите деца, туку на сите деца на Украина. Ќе израснат во патриоти и бранители на својата татковина“, рекла Зеленска.

Таа открила и дека на почетокот на инвазијата немало време за емоции.

– Потребно беше да се грижам за децата, за нивните емоционални состојби. Затоа се обидов да бидам самоуверена, насмеана, енергична, објаснувајќи им дека е потребно да се симнеме во подрумот и зошто не можам да го вклучам светлото. Се обидов оптимистички да одговорам на нивното прашање: „Кога ќе го видиме тато?“ Им реков: „Наскоро“. Во тие први денови се надевав дека можеби ќе можеме да останеме со него, но кабинетот на претседателот стана воен објект и мене и на моите деца ни беше забрането да престојуваме таму. Ни беше наредено да се преселиме на безбедно место – ако во Украина сега воопшто е можно да се пронајде безбедно место… Оттогаш, со Володимир комуницираме само по телефон“, раскажала Олена Зеленска.

Таа открила и дека Украинките живееле мирни, модерни животи – како што живеат читателките на „Вог“. Всушност, Украинките биле читателки на „Вог“, бидејќи постои и украинска верзија на тоа списание.

„Тие не подготвуваа нуклеарни засолништа поради ракетните напади. Сите Украинци престанаа да се чувствуваат безбедно. Моравме да научиме како да ги собереме нашите најблиски што е можно побрзо кога ќе го слушнеме звукот на сирената и да избегаме во подрумот што е можно побрзо“, додала таа.

Веќе на третиот ден од руската инвазија на Украина, во прифатилиштето се роди едно дете.

„И откако илјадници жени мораа да се породат во засолништа, бидејќи видовме што може да се случи со породилиштата како онаа во Мариупол, кое беше бомбардирано од Русите. Имаме проблем и со лекувањето на децата, особено на оние деца со тешки болести. Мајки и баби живеат со такви деца во болниците со месеци. А, сега ќе мора да ги однесеме сите на лекување во странство. Жените мораа да ги напуштат окупираните области, ризикувајќи ги своите животи за време на отворен оган, заедно со децата и постарите лица. Често мораа да пешачат, без мажи, бидејќи окупаторите не сакаа да ги пуштат мажите“, рекла Олена.

Тврди дека Украинките се незаштитени и постојано им се заканува насилство.

Таа додала и дека и порано Украинците можеле да патуваат низ Европа без виза. Тие посетиле многу земји, но не планирале да ги посетат како бегалци.

„Затоа третирајте ги како да се едни од вас. Нашите мајки и деца сонуваат да се вратат дома, повторно да се спојат со своите семејства. Затоа ве молиме помогнете им да се адаптираат додека не им биде овозможено да се вратат дома“, рекла таа.

Олена открила дека таа самата живее како сите други Украинци.

„Сите имаме една голема желба – мир. Јас, како и сите други мајки и сопруги, постојано се грижам за мојот сопруг и правам сѐ што е во моја моќ моите деца да останат безбедни“, открива првата дама на Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.