Бројот на загинатите во стампедото во Сеул се искачи на 154, уште 149 лица се повредени, од кои 33 се во тешка состојба, а меѓу загинатите има државјани од најмалку дваесет земји.

Јужнокорејските истражители почнаа денеска да ги прегледуваат снимките од над 50 државни и приватни камери, како и од социјалните мрежи, барајќи одговори за тоа како огромниот пораст на бројот на посетители на прославата на Ноќта на вештерките доведе до трагедијата во која загинаа толку многу луѓе, објави „Ројтерс“.

Премиерот Хан Деок-су вети темелна истрага, а властите рекоа дека се фокусирани на реконструкција на настаните и испитување дали некој може да биде одговорен за она што се случило.

Главниот полициски истражител Нам Гу-џун изјави дека ќе продолжат да испрашуваат повеќе очевидци, вклучително и вработени во околните продавници.

Премиерот Хан рече дека идентификацијата на жртвите е речиси завршена и дека може да започнат подготовките за погребот, а претседателот Јун Сук-Јол прогласи состојба на национална жалост. Претседателот денеска го посети спомен-олтарот во близина на градското собрание на Сеул и им оддаде почит на жртвите.

Трагедијата се случи во саботата вечерта за време на прославата на Ноќта на вештерките, кога во еден момент неколку стотици луѓе се нашле на удолницата, во тесна уличка широка само четири метри, од каде не можеле да се сокријат ниту да излезат, па почнале да паѓаат еден врз друг, објави агенцијата Јонап.

Стампедото започнало кога луѓето почнале да се превртуваат како „домино“ и да се натрупуваат еден врз друг во метежот поради гужвата, поради што многумина не можеле да добијат воздух или биле прегазени, велат очевидци.

Ова е најголемата трагедија во Јужна Кореја од 2014 година, кога потона траект и се удавија 304 лица, главно средношколци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.