Рекорден број на луѓе заразени со Ковид-19 беа регистрирани денеска во Шангај, а другите кинески градови воведоа ограничувања според методот „брзо чистење“ што го користи земјата за елиминирање на заразната варијанта на омикрон.

Во северозападна Кина, во градот Ксиан, поради десетици случаи на зараза со Ковид-19, жителите во петокот беа предупредени да избегнуваат непотребни излези надвор од станбените комплекси, а компаниите се охрабруваат да воведат работа од дома или работниците да живеат во работното место.

Владиниот функционер од Ксиан денеска им кажа на жителите кои стравуваат од недостиг на храна дека во соопштението не се споменува заклучување и дека градот нема да го воведе.

Шангај, новото кинеско жариште, денеска објави рекорден број на симптоматски случаи на инфекција, 3.590 и уште 19.923 асимптоматски случаи.

Бројот на заразени без симптоми незначително се зголеми во однос на претходниот ден кога имаше 19.872. Вкупниот број на луѓе заразени во тој град го сочинува најголемиот дел од вкупните случаи низ Кина, иако повеќето од 25-те милиони жители на Шангај се во карантин.

Ограничувањата кои остануваат на сила или се прошируваат дополнително ги влошуваат нарушувањата во снабдувањето и тоа може да предизвика одложување на испораката до компании како Apple. Економистите исто така тврдат дека ограничувањата негативно ќе се одразат на економскиот раст на земјата оваа година.

Градот Сужоу во близина на Шангај денеска ги повика сите работници кои можат да работат од дома да го направат тоа, а станбените населби и работничките населби треба да избегнуваат непотребен влез на луѓе и возила. Во тој град во последниот бран се забележани 500 случаи на зараза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.