Германски полицаец загина во понеделникот, а друг е тешко повреден по сообраќаен судир додека го придружуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан на крајот од неговиот престој на ЕУРО 2024, каде што го следеше натпреварот на селекцијата на својата земја против Шкотска.

Инцидентот се случил во понеделникот наутро, откако Орбан присуствувал на фудбалскиот натпревар во неделата вечерта во кој неговата земја победи во натпреварот од групата А со гол во 100-та минута и ги продолжи надежите за квалификација во осминафиналето од континенталното првенство.

Мотоциклистичкиот тим на сообраќајната полиција на Штутгарт го придружувала Орбан до аеродромот кога 69-годишниот возач на BMW, несвесен дека раскрсницата е затворена за придружба, се обидел да сврти но се судрил со полицаец на мотоцикл.

Од силината на ударот мотоциклот на 61-годишниот полицаец бил фрлен врз мотоциклот на неговиот 27-годишен колега. Постариот полицаец починал од повредите во болница, додека помладиот полицаец е тешко повреден.

Длабоко сме шокирани од несреќата на нашите колеги. Трагичните околности на смртта на нашиот почитуван колега нѐ оставија без зборови и ја погодија целата полиција во Штутгарт во срцето“, се вели во соопштението на началникот на полицијата Маркус Ајзенбраун.

„Нашите мисли се со неговото семејство, роднините и пријателите. Испраќаме најдобри желби за брзо закрепнување на колегата кој исто така беше тешко повреден во несреќата“, додаде тој.

Полицијата во Лудвигсбург, која ја презеде истрагата за инцидентот, апелираше да се јават очевидци на несреќата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.