Германските аптеки се соочуваат со недостиг на одредени видови лекови, чие производство зависи од увозот на суровини од Азија, соопшти Здружението на фармацевти на Северна Рајна Вестфалија.

Ситуацијата е лоша, а следната година недостигот може да се влоши, изјави Томас Преис, претседател на Здружението на фармацевти на Северна Рајна-Вестфалија.

Сојузното здружение на германски фармацевти (АБДА) соопшти дека е „голем предизвик” кога станува збор за непречено снабдување со лекови. АНДА го наведува „огромниот финансиски притисок врз здравствениот систем” како причина за недостигот на лекови.

Со цел да се заштеди што е можно повеќе, локалните фармацевтски компании сè повеќе го преместуваат производството во Азија. Кога таму ќе пропадне една испорака или има прекин во транспортот на контејнери, тоа веднаш се чувствува во аптеките во Германија, соопшти АБДА.

Сојузниот институт за лекови и медицински производи соопшти дека во моментов добиле околу 300 пријави за лекови кои доцнеле во испораката. Воедно објавено е дека тоа е мала бројка со оглед на фактот дека на германскиот пазар се одобрени над 100.000 лекови.

Се додава дека доцнењето на испораката не значи автоматски недостиг на лекови. Проблемите со испораката првенствено се однесуваат на некои детски сирупи за температура, лекови за кашлица и лекови за намалување на крвниот притисок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.