Британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, изјави дека Велика Британија ќе се погрижи сторителите на злосторствата во Украина да бидат изведени пред лицето на правдата, а Лондон ќе работи со своите сојузници на нови санкции против Москва, со цел да се запре руската офанзива.

Во заедничкото обраќање со украинскиот колега Дмитро Кулеба за време на нејзината посета на Варшава, Трас,нагласи дека Британија наскоро ќе објави „нов пакет строги санкции“ кон Русија, пренесува Би-Би-Си.

Трас објасни дека ќе соработува со сојузниците за забрана за пристап на руските бродови во западните пристаништа, за построги казни за руските банки и ќе се согласи на, како што рече, „јасен временски распоред за укинување на увозот на руска нафта, гас и јаглен“, пишува британски Гардијан.

Реалност е дека парите од Запад сè уште течат во воената машина на Путин и тоа мора да престане – истакна шефицата на британската дипломатија.

Таа додаде дека не треба да има разговори за укинување на санкциите кон Москва се додека руските војници се во Украина.

Путин мора да загуби во Украина. Тоа значи повеќе оружје и повеќе санкции – нагласи Трас.

Британската министерка, исто така, оцени дека е неопходно да се натера Русија да ги повлече своите трупи и да се запре способноста на Москва за натамошна агресија.

Истовремено, еврокомесарот за економија Паоло Џентилони најави дека новите европски санкции може да го опфатат и рускиот енергетски сектор.

Сите опции се на маса. Тоа денес стои повеќе од кога било досега – изјави Џентилони пред состанокот со министрите за финансии на еврозоната на кој ќе се разговара за новите санкции.

Министрите за надворешни работи на Г7 и НАТО ќе се сретнат подоцна оваа недела, каде се очекува да бидат објавени новите санкции против Русија, пишува Гардијан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.