Еден човек е убиен, а двајца се повредени во напад со нож и чекан на улица во центарот на Париз.

Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, изјави дека напаѓачот нападнал туристи околу Кеј де Гренел, недалеку од Ајфеловата кула. Тој додаде дека уапсениот 26-годишен француски државјанин од претходно им бил познат на безбедносните служби.

Осомничениот се приближил до двајца туристи и избодел германски државјанин до смрт. Тој потоа со чекан нападнал уште две лица пред да биде запрен со електрошок и уапсен, информира Дарманин.

На повредените им била укажана брза помош.

Дарманин вели дека наводниот напаѓач извикал „Алах Акбар“, што значи „Господ е голем“ на арапски, а подоцна на полицијата и рекол дека е вознемирен бидејќи „толку многу муслимани умираат во Авганистан и Палестина“.

Тој информира дека осомничениот во 2016 година бил осуден на четири години затвор за планирање напад и бил баран од француските безбедносни служби.

Исто така, познато е дека човекот страдал од психијатриски нарушувања, додаде Дарманин.

Обвинителството за борба против тероризмот соопшти дека ја презело истрагата.

Францускиот претседател Емануел Макрон на платформата „Х“ изрази сочувство до сите погодени од „терористичкиот напад“ и им се заблагодари на службите за итни случаи за нивниот одговор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.