Бројот на загинати во земјотресот во Мароко се искачи на 2.012 лица, јави рано утринава мароканската државна телевизија, повикувајќи се на соопштение на Министерството за внатрешни работи. Бројот на повредени се искачи на 2.059, вклучувајќи 1.404 лица кои се во критична состојба, се додава во соопштението.

Билансот се очекува да се зголеми со оглед на тоа дека спасувачките тимови вчера имаа тешкотии да се пробијат по патиштата врз кои имал одрони и паднати дрвја, а со цел да стигнат во тешко достапните планински региони, кои беа најмногу погодени од земјотресот.

Портпаролот на Детскиот фонд при ОН (УНИЦЕФ) Џо Инглиш изјави за Си-Ен-Ен дека се уште постои надеж дека ќе се најдат преживеани.

„Првите 72 часа во однос на потрагата и спасувањето се апсолутно критични… Тие го нарекуваат „златен период“ затоа што ако сакате да одите под урнатините, ова е моментот кога тоа треба да се направи и понекогаш гледаме чуда, рече тој.

Освен во Маракеш, земјотресот бил почувствуван и во главниот град Рабат, Казабланка, Агаир и Есауира, предизвикувајќи паника кај населението. Голем дел од луѓето од погодените области ноќта ја минаа на отворено, стравувајќи од нов земјотрес.

Кралот на Мароко, Мохамед Шести, по земјотресот што ја погоди земјата, прогласи тридневна национална жалост за време на која знамињата на јавните згради ќе бидат спуштени на половина копје.

Покрај тоа, кралот ја задолжи владата да формира министерски комитет за програма за обнова на домовите уништени од земјотресот.

Во меѓувреме, владите во светот изразија солидарност и понудија помош. Турција, каде во февруари во силните земјотреси загинаа повеќе од 50.000 луѓе, соопшти дека е подготвена да даде поддршка. Алжир, кој ги прекина врските со соседен Мароко во 2021 година, бидејќи тензиите меѓу нив ескалираа поради конфликтот во Западна Сахара, информираше дека ќе го отвори својот воздушен простор за хуманитарни и медицински летови.

Маракеш треба да биде домаќин на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка на почетокот на октомври. Портпаролот на ММФ го коментираше закажаниот настан со зборовите „Сега нашиот единствен фокус е на народот на Мароко и властите кои се справуваат со оваа трагедија“.

Земјотресот се случи на планинскиот венец Висок Атлас во Мароко во петокот, нешто по 23 часот по локално време, на релативно мала длабочина од 18,5 километри, со епицентар на 72 километри југозападно од Маракеш.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.