Во Мароко продолжува потрагата по преживеани, по разорниот земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, a во кој, според последните податоци, досега се потврдени над 2.000 жртви.

Бројот на повредени надмина 2.060, од ​​кои повеќе од 1.400 се во критична состојба.

Повеќето од смртните случаи се регистрирани во оддалечените планински области на југот на Мароко.

Билансот на жртви не е конечен, а спасувачите се уште пристигнуваат во најзагрозените подрачја. Тие бараат преживеани под урнатините на куќите, историските и верските објекти.

Земјотресот беше почувствуван и во Алжир, на југот на Шпанија и во Португалија.

Професорот на Катедрата за сеизмологија на Хашемитскиот универзитет во Јордан, Ид ел Тарази, изјави дека Мароко го погоди земјотрес еднаков на силата на 25 нуклеарни бомби.

Во продолжени хронолошки се подредени најсмртоносните земјотреси во последните 25 години.

6 февруари 2023 година: Турција и Сирија. Во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтер загинаа повеќе од 21.600 луѓе.

25 април 2015: Непал: Повеќе од 8.800 луѓе загинаа во земјотресот со јачина од 7,8 степени.

11 март 2011 година: Јапонија. Земјотрес со јачина од 9 степени во близина на североисточниот брег предизвика цунами, при што загинаа повеќе од 18.400 луѓе.

12 јануари 2010 година: Хаити. Повеќе од 100.000 луѓе загинаа во земјотресот со јачина од 7 степени. Владата процени неверојатни 316.000 мртви, но обемот на уништувањето оневозможи да се утврди точниот број.

12 мај 2008 година: Кина. Земјотрес со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала го погоди источниот дел на Сечуан, што резултираше со повеќе од 87.500 смртни случаи.

27 мај 2006 година: Индонезија. Повеќе од 5.700 луѓе загинаа во земјотресот со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала што го погоди островот Јава

8 октомври 2005: Кашмир. Во земјотресот со јачина од 7,6 степени според Рихтер загинаа повеќе од 80.000 луѓе во регионот.

26 декември 2004 година: Индонезија: Земјотрес со јачина од 9,1 степени по Рихтер предизвика цунами во Индискиот Океан, при што загинаа околу 230.000 луѓе во десетина земји.

26 декември 2003 година: Иран. Земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала го погоди југоисточниот дел на земјата, предизвикувајќи повеќе од 20.000 жртви.

26 јануари 2001 година: Индија. Земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди Гуџарат, при што загинаа 20.000 луѓе.

7 август 1999 година: Турција. Земјотрес со јачина од 7,6 степени го погоди Измит, при што загинаа околу 18.000 луѓе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.