Најмалку 30 луѓе загинале во напад со беспилотно летало на отворен пазар во јужниот дел од главниот град на Судан, Картум, соопштија активисти и медицински работници, додека армијата и моќната паравоена група се борат за власт во земјата.

Најмалку триесет лица се ранети, соопшти активистичката група позната како Комитети на отпорот, како и двајца здравствени работници од Универзитетската болница Башир каде што биле пренесени.

Засега не се знае која страна во конфликтот стои зад денешниот напад. Неселективните артилериски и воздушните напади од двете страни не се невообичаени во војната во Судан, која го претвори поширокиот регион Картум во бојно поле.

Борбите меѓу армијата на земјата предводена од Абдел Фатах Бурхан и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагал траат од средината на април.

Судирите се проширија од главниот град во неколку делови од земјата. Во пошироката област Картум, која ги опфаќа градовите Картум, Омдурман и Бахри, трупите на РСФ презедоа цивилни станови и ги претворија во оперативни бази. Како одговор, војската бомбардираше станбени населби, соопштија групите за човекови права и активистите.

Во западниот регион на Дарфур, каде што се водеше кампања за геноцид во раните 2000-ти, конфликтот ескалира во етничко насилство каде што членовите на РСФ и сојузничките арапски милитанти ги нападнаа етничките африкански групи, според Обединетите нации.

Повеќе од 4.000 луѓе загинаа во војната, според августовските податоци на ОН, но лекарите и активистите веруваат дека реалната бројка на жртви е многу поголема.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.