Републиканскиот претседателски кандидат и поранешен американски претседател, Доналд Трамп, повторно го нападна украинскиот претседател, Володимир Зеленски, затоа што не преговара со Русија за завршување на војната во Украина, тврдејќи дека дури и „најлошиот договор“ би бил подобар од сегашното ниво на смрт и уништување.
Зборувајќи на предизборен митинг во Северна Каролина, Трамп рече дека Украина никогаш нема да може да ги замени своите „многу мртви луѓе“, како и местата и градовите што се уништени во војната.
-Тие градови повеќе не постојат. Тие ги нема, а ние продолжуваме да му даваме милијарди долари на човекот кој одби да се договори, на Зеленски, им рече Трамп на приврзаниците, пренесе Ал Џезира.
„Имате земја која е уништена, не е можно да се врати. Ќе бидат потребни стотици години за да се обнови…“
-И да направеа лош договор, ќе беше многу подобро, рече Трамп.
„Малку ќе се откажеа и сите ќе живееја и секоја зграда ќе беше изградена и секоја кула ќе остареше уште 2.000 години“, додаде тој.
Трамп, исто така, го нападна Зеленски за интервјуто објавено во Њујоркер, во кое украинскиот лидер рече дека републиканскиот кандидат „навистина не знае како да ја запре војната дури и ако мисли дека може“.
Коментарите на Трамп, кои ја одбележаа неговата најексплицитна критика кон украинскиот лидер и неговото справување со војната досега, дојдоа неколку часа откако Зеленски ги повика светските лидери да не се согласат на „затишје“ во конфликтот наместо на „вистински, праведен мир. ”
Зеленски вчера упати повик за солидарност од говорницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк додека се обидуваше да обезбеди поддршка за неговата „мировна формула“ од 2022 година, која повикува на протерување на сите руски сили од Украина.
Трамп во неколку наврати тврдеше дека доколку е претседател на САД веднаш ќе ја заврши војната, но никогаш не даде доволно детали за неговото тврдење.
За време на интервјуто за подкастот кај Лекс Фридман претходно овој месец, Трамп рече дека има „многу специфичен план“ за решавање на конфликтот, но не можеше да открие детали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.