Светските лидери денеска и утре се среќаваат на годишниот самит на Г-20 на индонезискиот остров Бали.

Главната цел е да и се помогне на економијата да се опорави по коронавирусот, но тензиите околу војната во Украина би можеле да бидат попречувачки фактор, објави Би-Би-Си.

Г-20 е клуб на земји кои се состануваат за да разговараат за плановите за глобалната економија.

Земјите од Г-20 сочинуваат 85 отсто од светското економско производство и 75 отсто од светската трговија.

Во нив живеат две третини од светската популација.

Членки на Г-20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и претставници на Европската унија, односно администрацијата во Брисел.

Шпанија е секогаш поканета како гостин.

Прашањата за кои дискутираат лидерите на Г-20 се движат од економија до климатски промени, одржлива енергија, меѓународно олеснување на долгот и оданочување на мултинационалните корпорации.

Секоја година, различна земја-членка на Г-20 го презема претседавањето и ја поставува агендата за состаноците.

Како претседавач во 2022 година, Индонезија сака самитот на Бали да се фокусира на глобалните здравствени мерки и постпандемиското економско закрепнување.

Исто така, сака да го промовира усвојувањето на стратегија за одржлива енергија.

Самитот е и можност лидерите на земјите да одржат билатерални средби.

Пред самитот, американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг одржаа тричасовен состанок во понеделникот и порачаа дека никогаш не треба да се води нуклеарна војна.

Тоа беше нивна прва средба откако Бајден стана претседател.

Бајден и Си истакнаа дека не може да има победници во нуклеарна војна и го нагласија своето противење на употребата или заканата од употреба на нуклеарно оружје во Украина.

Министерството за надворешни работи на Украина побара Русија да биде исклучена од Г-20 поради нејзината инвазија на Украина.

Индонезиската влада соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на самитот, а руската делегација ќе ја предводи шефот на дипломатијата на таа земја Сергеј Лавров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.