Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој беше гостин на Атлантскиот совет во Вашингтон каде зборуваше за Русија и Украина, порача дека Алијансата е подготвена да ги продолжи разговорите со Москва, но и дека е подготвена да реагира во случај на руска инвазија на Украина.
Столтенберг нагласи дека војниците на НАТО нема да влезат на украинска територија во случај на агресија, бидејќи таа земја не е членка на Алијансата, но дека би помогнале на други начини.
Тој додаде дека тоа пред се би значело зајакнување на военото присуство на НАТО на границите на Русија во земјите членки, односно на Балтикот, Полска, Романија и Бугарија, со воведување строги санкции кон Русија и испраќање воена опрема во Украина.
Столтенберг, за кого ова беше прво појавување во јавноста откако НАТО, заедно со САД, одговори на барањата на Русија, вели дека целта е да се избегне конфликт, но дека сите членки на НАТО се подготвени да се спротивстават на Русија. Тој истакна дека украинската армија сега е многу посилна и подобро вооружена отколку во претходниот период, пренесува Ал Џезира од Вашингтон.
Генералниот секретар на НАТО изјави и дека Русија во моментов сака да разговара, но истовремено ги зајакнува своите воени сили, особено во Белорусија, која граничи и со Украина.
Не можеме да бидеме сигурни кои се плановите на Русија, затоа мора да бидеме подготвени за разговор, но и за воен конфликт. Подготвени сме и за најдоброто и за најлошото. Имаме подготвени 40.000 војници, од кои 5.000 се сили за брз одговор – вели Столтенберг.
Тој додава дека доколку Русија на кој било начин, вклучително и кибернетички, нападне една земја членка на НАТО, Алијансата ќе одговори на тој напад, што може да значи и воено.
Сите за еден, еден за сите – тоа е нашата доктрина – порача генералниот секретар на НАТО, кој зборуваше и за тоа дали сите сојузници ќе бидат на иста линија.
Столтенберг порача дека најважно е САД и Европа да бидат заедно.
Заедно покриваме 50 отсто од воените сили во светот… Нашите врати се отворени за секој што сака да биде дел од Алијансата, но никогаш нема да присилиме никого да се приклучи на НАТО – истакна Столтенберг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.