Претседателот на Русија Владимир Путин денеска, на 7 октомври, го слави својот 70-ти роденден.

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко во честитката наведе дека е сигурен дека Минск и Москва заедно соодветно ќе одговорат на глобалните предизвици и дека ќе достигнат ново ниво на стратешко партнерство.

Примете ги моите најсрдечни честитки по повод јубилејот. Како вистински водач на голема сила, вие донесувате промислени и тешки одлуки за да обезбедите независен развој на Русија и да ги заштитите традициите и вредностите на рускиот народ – рече претседателот на Белорусија.

Лукашенко истакна дека високо ги цени отворените и доверливи односи со претседателот на Русија, како и еднаквиот и плоден дијалог кој служи за зајакнување на сојузничките белоруско-руски врски.

Белорускиот лидер му посака на Путин одлично здравје, креативни достигнувања во корист на руската држава и долг живот опкружен со семејство полно со љубов и сигурни пријатели“.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во роденденската честитка до рускиот претседател изрази надеж дека неговите лични пријателски односи со Путин ќе одиграат голема улога во континуираното зајакнување и развој на пријателството меѓу двете земји. Тој на рускиот лидер му посака добро здравје, среќа и голем успех во работата, пренесе Корејската централна телеграфска агенција.

Мило ми е што меѓусебната поддршка и соработка меѓу двете земји во борбата за понатамошен развој на традиционалните корејско-руски односи се зајакнува без преседан, во духот на договорите постигнати на нашата прва средба во Владивосток во 2019 година, напиша Ким Јонг Ун.

Роденденот на рускиот претседател му го честита и лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров.

Рускиот претседател Владимир Путин одигра клучна улога во судбината на чеченскиот народ. Во најтешките времиња за регионот, тој одлучно ги поддржа насоките на нашиот прв претседател, херојот на Русија, Ахмат Хаџи Кадиров, ја спаси републиката, ја издигна од урнатините, а заедно со тоа и цела Русија од насилството на меѓународниот тероризам и бандитизам, напиша Кадиров на Телеграм.

Според него, со тоа што водел земја која била во длабока политичка и економска криза, Путин успеал да ги реши главните проблеми на земјата и да ја претвори Русија во една од најмоќните светски сили.

Ниту колективниот Запад, ниту Европа, а особено не Украина, не можат да го негираат тој очигледен и неоспорен факт. И така секогаш ќе биде! Путин ја промени позицијата на Русија во светот и ги принуди да ја земат предвид позицијата на нашата голема земја, напиша Кадиров.

Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега и неговата сопруга, вицепремиерката Росарио Муриљо, упатија роденденска честитка до рускиот лидер, објави ТВ „Канал 4“.

Како што соопшти претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рускиот лидер роденденот ќе го помине работно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.