Mароканската државна телевизија, повикувајќи се на Министерството за внатрешни работи, објави дека најмалку 632 лица загинале во силниот земјотрес што го потресе Мароко.

Во соопштението од Министерството се наведува и дека во земјотресот има најмалку 329 повредени лица.

Жителите на Маракеш, кој е најблискиот поголем град до епицентарот на земјотресот, велат дека има урнати згради во историскиот дел на градот. Локалната телевизија објави снимка од паднато минаре од џамија како се урива врз автомобили.

Мароканското Министерство за внатрешни работи повика на смиреност.

Националниот центар за научни и технички истражувања со седиште во Рабат соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала и дека неговиот епицентар бил во провинцијата Ал Хоуз, југозападно од Маракеш, популарна дестинација за странските туристи.

Освен во Маракеш, тресењето на земјата се почувствувало и во Рабат, Казабланка, Агадир и Есауира, предизвикувајќи паника кај населението. Многу луѓе излегоа на улиците на тие градови во страв од уривање на нивните домови, според сликите објавени на социјалните мрежи.

Регионалниот центар за трансфузија на крв во Маракеш денеска ги повика жителите да даруваат крв за повредените.

Мароканскиот геофизички центар соопшти дека земјотресот се случил во областа Игил во планината Висок Атлас со јачина од 7,2 степени. Американскиот геолошки институт ја процени јачината на земјотресот на 6,8 степени и соопшти дека е на релативно мала длабочина од 18,5 километри.

Игил, планинска област со мали земјоделски села, се наоѓа на околу 70 километри југозападно од Маракеш. Земјотресот се случил нешто по 23 часот по локално време. Локален функционер изјави дека најголем дел од смртните случаи се случиле токму во планинските области, кои се тешко достапни.

Во февруари 2004 година, земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ја потресе провинцијата Ал Хосеима, 400 километри североисточно од Рабат, при што загинаа 628 луѓе и предизвика огромна материјална штета.

Претходно, на 29 февруари 1960 година, земјотрес го уништи Агадир, на западниот брег на земјата, и остави повеќе од 12.000 мртви, или една третина од населението на градот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.