Африканската Унија е прифатена како постојана членка на Г20, изјави индискиот премиер Нарендра Моди во својот воведен говор на состанокот на Г20, што се одржува овој викенд во Делхи.

Моди го покани претседавачот на Африканската унија Азали Асумани да го заземе своето место на масата на лидерите на Г20 како претставник на постојана членка на блокот.

Во својот говор, Моди оцени дека светот страда од „криза на доверба“.

Постои огромна криза на доверба во светот. Војната го продлабочи овој дефицит на доверба. Меѓутоа, штом успеавме да го надминеме Ковид, тогаш ќе можеме да се справиме и со оваа криза на меѓусебна доверба“, истакна индискиот премиер.

Африканската Унија, која е континентална унија со 55 земји-членки, сега има ист статус како и Европската унија, која досега беше единствениот регионален блок со полноправно членство во Г20. Досега Африканската Унија беше „поканета меѓународна организација“.

Ја поздравуваме Африканската Унија како постојана членка на Г20 и силно веруваме дека вклучувањето на АУ во Г20 значително ќе придонесе за решавање на глобалните предизвици на нашето време“, се вели во нацрт-декларацијата од Самитот во Делхи, во која имале увид дел од меѓународните медиуми..

На состанокот се очекува да се разговара за прашања како обезбедување повеќе заеми за земјите во развој од мултилатерални институции, реформирање на архитектурата на меѓународниот долг, регулирање на криптовалутите и влијанието на геополитиката врз безбедноста на храната и енергијата.

Нацрт-декларацијата е долга 38 страници, со параграфи посветени на климатските промени и реформите на мултилатералните развојни банки. Параграфот со наслов „Геополитичка ситуација“ беше оставен празен, што според Ројтерс ја одразува длабоката поделеност меѓу членките на Г20 околу војната во Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.