Секое трето дете на возраст под две години во северниот дел на Појасот Газа е акутно неисхрането и е на работ на глад, предупреди денеска Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА).

„Неисхранетоста кај децата брзо се шири и достигнува невидени нивоа во Газа“, се вели во соопштението на УНВРА објавено на социјалните мрежи, објави „Тајмс оф Израел“.

Повеќе од пет месеци по израелската воздушна и копнена кампања во Газа, предизвикана од разорниот напад на Хамас на 7 октомври, голем дел од енклавата е во урнатини, при што повеќето од нејзините 2,3 милиони жители се раселени и се соочуваат со голема хуманитарна криза.

Западните земји го повикаа Израел да стори повеќе за да дозволи пристигнување на хуманитарна помош, при што ОН велат дека се соочува со „огромни пречки“, вклучително и затворање на граничните премини, комплицирани процедури за проверка, ограничувања на движењето и немири во Газа.

Израел тврди дека не поставува ограничувања за хуманитарната помош за цивилите во Газа и ја обвинува бавната испорака на неспособноста или неефикасноста на агенциите на ОН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.