Министрите за надворешни работи на Мали, Нигер и Буркина Фасо предложија формирање конфедерација со амбиција во догледно време да прерасне во федерација.

Свесни за силниот потенцијал за мир, стабилност, дипломатска сила и економски развој обезбедени од зајакната политичка алијанса, министрите водени од намерата во догледно време да се формира федерација која ќе ги обедини Буркина Фасо, Мали и Нигер, им предлагаат на шефовите на државите на Сојузот на земјите од Сахел создавање конфедерација на тие три земји, се вели во заедничката изјава објавена по дводневна средба во Бамако, главниот град на Мали.

Трите земји решија да ги зајакнат економските врски и формираа Сојуз на држави од Сахел, кој предвидува взаемна помош во случај на напад на нивниот суверенитет и територијален идентитет. Со врските зацементирани против западниот меѓународен притисок, трите држави се борат и против муслиманските екстремисти во нивните земји.

На средбата, чија цел беше да се прецизира функционирањето на новата алијанса, тројцата министри инсистираа на дипломатија, одбрана и развој за зајакнување на нивната политичка и економска интеграција.

Нивните министри за економија и финансии, претходно, на средба на 25 ноември, предложија формирање стабилизациски фонд и инвестициска банка, како и формирање комисија задолжена за продлабочување на економската и монетарната унија, се наведува во заедничкото соопштение.

Заклучоците од средбата треба да бидат доставени до шефовите на држави кои наскоро треба да се сретнат во Бамако.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.