Приближно 7 милијарди долари воена опрема пренесена од САД на авганистанската влада во текот на 16 години, останала во Авганистан откако Американците го завршија повлекувањето во август, се наведува во извештај изработен од американското Министерство за одбрана, а одобрен од Конгресот.

Опремата сега се наоѓа во земја која е под под контрола на талибанците, коишто САД се обидуваа да ги поразат во последните две децении. Министерството за одбрана не планира да се врати во Авганистан за да „ја повлече или уништи“ опремата – пишува „Си-Ен-Ен“.

Според извештајот, САД обезбедиле вкупно 18,6 милијарди долари опрема за авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили (ANDSF) од 2005 до август 2021 година. Од тој вкупен износ, опрема вредна 7,12 милијарди долари останала во Авганистан по завршувањето на повлекувањето на САД на 30 август 2021 година.

Тоа вклучува авиони, муниција воздух-земја, воени возила, оружје, опрема за комуникација и други материјали, се вели во извештајот на Министерството за одбрана.

Огромната вредност на оставеното оружје ќе послужи за повторно фокусирање на вниманието на хаотичното и избрзано повлекување од Авганистан, кое беше жестоко критикувано од домашната јавност.

Голем дел од преостанатата опрема што остана во Авганистан бара специјализирано одржување, што претходно им го обезбедуваа изведувачите од Министерството за одбрана на авганистанските сили во вид на техничко знаење и поддршка – се наведува во извештајот.

Министерството за одбрана мораше да поднесе извештај до Конгресот „за располагањето со имотот, опремата и залихите на САД дадени на авганистанските сили кои беа“ уништени, извлечени или оставени во Авганистан, се наведува во извештајот од март 2022 година.

Од Авганистан до Украина

Во извештајот се наведува и дека пет хеликоптери Ми-17 кои биле во Авганистан, официјално и се префрлени на Украина во 2022 година, откако тие веќе биле во Украина заради одржување пред САД да го напуштат Авганистан.

Министерството за одбрана го информираше Конгресот за својата намера да префрли хеликоптери во јануари 2022 година, пред да почне руската воена акција, а Украина потпиша писмо за прифаќање на 11 март 2022 година.

Овие пет хеликоптери беа на поправка во Украина кога падна авганистанската влада и оттогаш остануваат таму.

 

Од другата опрема што САД претходно ја набавија за Авганистан, но не ја испратија во таа земја, САД и дадоа на Украина одредено количество „нестандардна муниција“, вклучително и околу 37.000 куршуми за хаубица калибар 122 мм – се вели во извештајот.

САД, исто така, префрлиле на Украина над 15 милиони куршуми, над 99.000 гранати со висока експлозивност/фрагментација од 40 милиметри и околу 119.000 82-милиметарски високоексплозивни гранати за минофрлачи од опремата што претходно беше набавена за Авганистан.

Муницијата е пренесена во Украина по овластување на претседателот да се повлече опремата – се наведува во извештајот.

Во Авганистан останале авиони вредни 923,3 милиони долари.

Пред повлекувањето, САД оставија 78 авиони набавени за авганистанската влада на меѓународниот аеродром Хамид Карзаи во Кабул. Авионите биле демилитаризирани и онеспособени пред да замине американската војска – се вели во извештајот.

Вкупно 9.524 парчиња муниција воздух-земја, вредна 6,54 милиони долари, останале во Авганистан по повлекувањето на американската војска.

Непозната состојба на воени возила

Во Авганситан, во моментот на повлекувањето на САД, останале и повеќе од 40.000 од вкупно 96.000 воени возила донирани од САД на авганистанските сили, вклучително и 12.000 Хамви.

Не е позната оперативната состојба на преостанатите возила во Авганистан – се наведува во извештајот.

Повеќе од 300.000 од вкупно 427.300 парчиња оружје што САД им ги обезбедија на авганистанските сили остануваат во Авганистан, како и помалку од 1.537.000 парчиња „специјална муниција“ и „обична муниција за малокалибарско оружје“, во вкупна вредност од 48 милиони долари.

Речиси целата комуникациска опрема што САД ја обезбедиле на авганистанските сили останала, вклучително и базни станици, мобилни, преносни и рачни комерцијални и воени радио системи, како и поврзани предаватели и уреди за шифрирање.

Речиси целата опрема за надзор за ноќно гледање, „биометриска и позиционирачка опрема“ останала на територија контролирана од талибанците, како и речиси целата опрема за отстранување и деминирање на експлозиви – се додава во извештајот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.