Руската државна вселенска агенција Роскосмос, со која управува Дмитриј Рогозин, упати специјална честитка до членовите на НАТО пактот по повод самитот на алијансата во Мадрид кој се одржува од 28. до 30. јуни.

Роскосмос објави сателитски фотографии од Мадрид, Пентагон и Белата куќа во Вашингтон, Лондон, Париз, Берлин и Брисел со координати со точните локации и пораката: „Самитот на НАТО почнува денеска во Мадрид, на кој западните земји ќе ја прогласат Русија за свој најголем непријател“.

Додека претставниците на 30 земји од алијансата, како и партнери и кандидати, ќе се занимаваат со стратешки концепт до 2030 година, Роскосмос објавува сателитски фотографии од местото на одржување на самитот и самите центри на одлучување кои ги поддржуваат украинските националисти – се наведува во соопштението на Роскосмос, а во продолжение се напишани точните координати.

Неодамна претседателот на Државниот совет на Русија, Дмитриј Медведев, изјави дека во случај Украина да погоди руска територија со ракети од западно производство, тие ќе ги гаѓаат „центрите на одлучување“, па објавата на Роскосмос може да се сфати како застрашувачка закана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.