Најмалку 56 лица се уапсени денеска низ Русија на собири по повод погребот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, објави на Телеграм невладината организација за човекови права ОВД-Инфо.

Според организацијата, апсења биле регистрирани во 14 градови.

Најмалку 14 лица, меѓу кои и локалниот советник Антон Картавин, беа уапсени во Новосибирск откако положија цвеќе во чест на Навални. Во Екатеринбург се регистрирани десет апсења.

Во Воронеж беа уапсени десет лица, кои биле на пат за Москва на погребот на Навални. Сите, освен координаторот на локалниот политичар Борис Надеждин, набрзо биле ослободени од полицијата, објави порталот Медуза.

Најмалку шест лица се уапсени во Москва, меѓу кои и Андреј Морев, заменик-претседател на московскиот огранок на партијата Јаблоко, кој беше уапсен во метрото по враќањето од погребот. Морев подоцна беше ослободен.

Новинарот Василиј Полонски беше уапсен на гробиштата Борисов, каде што беше погребан Навални по опелото во блиската црква.

Руската полиција уапси луѓе кои му оддадоа почит на Навални во Нижневартовск, Улан-Уде, Владикавказ, Нижни Новгород, Казан и Златоуст.

Илјадници Руси се собраа во близина на црквата и гробиштата каде што беше погребан Навални, носејќи цвеќиња и скандирајќи го неговото име.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.