Најмалку 13 цивили загинале во судирите што избија во главниот град на Либија, Триполи, меѓу силите кои поддржуваат две ривалски администрации.

Во политичката пресметка се ранети 95 лица, соопшти Министерството за здравство. Во соопштението се додава дека 64 семејства биле евакуирани од областа околу борбите.

Портпаролот на итната служба, Малек Мерсет, изјави дека бројот на загинати би можел да биде поголем бидејќи службите за итни случаи не можеле да стигнат до многу области поради конфликтот.

Мерсет соопшти дека многу цивили биле ранети во судирите што избувнале во текот на ноќта.

Тој истакнува дека службите за итни случаи сè уште се обидуваат да ги евакуираат ранетите и цивилите заробени во борбите.

Општинскиот совет на Триполи ја обвини владејачката политичка класа за влошувањето на ситуацијата во главниот град и ја повика меѓународната заедница „да ги заштити цивилите во Либија“.

Мисијата на ОН во Либија соопшти дека е „длабоко загрижена“ поради борбите, кои вклучувале „недискриминирачко средно и тешко гранатирање на области населени со цивили“ во Триполи.

Мисијата повика на итен прекин на огнот и сите страни во Либија „да се воздржат од употреба на каква било форма на говор на омраза и поттикнување насилство“.

Во судирите се спротивставиле силите на Револуционерната бригада на Триполи, предводена од Хајтам Таџури, против силите кои се во сојуз со Абдел-Гани ал-Кикли.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.