Популарен актер и евангелистички пастор вчера ја објавија својата кандидатура за претседателските избори во Венецуела на 28 јули, пренесува Бета.

Двајцата изјавија дека се противници на владата, иако има сомнежи дека му се сојузници на актуелниот претседател Николас Мадуро.

Уште осум кандидати, кои се дефинираат за опозициски, се пријавија на претседателските избори, но традиционалната опозиција смета дека тие се обидуваат да го нарушат единството и да го поделат електоратот за да ја гарантираат победата на Мадуро.

Актерот Бенјамин Раусео (63), кој е поддржан од неговата партија Национална демократска конфедерација (ЦНД), веќе беше кандидат во 2006 година. На состанокот на партијата, која го прогласи за кандидат, Раусео оцени дека е способен да ги обедини граѓаните на Венецуела.

Пасторот Хавиер Бертучи, кој во моментов е пратеник, веќе беше кандидат во 2018 година на изборите на кои победи Мадуро.

Изборите во 2018 година беа бојкотирани од опозицијата, сметајќи ги за „лажни“, а не беа признати од САД и од Европската Унија, како и од други земји.

Бертучи (54) ја претстави својата „програма насочена кон обединување, толеранција, владеење и национален мир“.

Номинациите се затвораат денеска кога Мадуро, кој бара трет мандат, се очекува да ја поднесе својата кандидатура во име на владејачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.