Ендел Тејлор, 22-годишна Американка, е една од загинатите како последица на моќната снежна бура што ги зафати САД. Тејлор починала откако не можела да излезе од својот автомобил поради обилните снежни врнежи во Бафало, Њујорк.

Нејзиното замрзнато тело е пронајдено минатиот викенд, а британски Телеграф пишува дека таа испратила видео до семејството непосредно пред нејзината смрт. Таа била заробена во своето возило цели 18 часа, а била опкружена со околу 130 сантиметри снег.

Американката преку Вацап им кажала на нејзините дека е преплашена и им испратила две видеа на кои се гледа интензитетот на невремето среде кое се наоѓала. Таа им го покажала завеаното ветробранско стакло на нејзиното возило.

Не е познато дали Тејлор починала од хипотермија или труење со јаглерод моноксид. Снегот ја затнал издувната цевка на нејзиниот автомобил, а таа ја оставила вклучена за да се обиде да се загрее.

Од нејзиното семејство, кое живее во Шарлот, Cеверна Каролина, за медиумите изјавиле дека не биле свесни колку е силна бурата што ги погоди Њујорк и источните делови на САД.

Не сум сигурна дека некој од нас знаеше колку е сериозна ситуацијата. Не ги видовме вестите, не знаевме што се случува во Бафало. Имам чувство дека сите што се обиделе да и помогнат биле заглавени. Пожарникарите, полицијата… сите биле заглавени“, вели Шонеква Браун, сестрата на Тејлор.

Службите за итни случаи во Бафало пронаоѓаат мртви во автомобили, во нивните домови и во огромни снежни наноси. Некои загинале додека го расчистувале снегот, а други затоа што службите не успеале навреме да ги извлечат од неволја. На Американците им беше кажано да се подготват за повеќе снег, но и за повеќе жртви. Телеграф наведува дека во циклонските бомби досега загинале над 60 лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.