Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска најави дека Владата на референдум ќе ги праша граѓаните дали сакаат да примат „илјадници илегални имигранти од Блискиот Исток и Африка“ како дел од планот за релокација на Европската унија (ЕУ).

Моравјецки референдумот го најави преку видео објавено на социјалните мрежи.

Неговата партија Право и правда се обидува да ја задржи власта на парламентарните избори во октомври и сака да го искористи прашањето за имиграцијата во својата изборна кампања, истата тактика што и помогна да дојде на власт во 2015 година.

Полска во моментов е прибежиште за повеќе од милион украински бегалци.

Во јуни, министрите за внатрешни работи на ЕУ го поддржаа планот за споделување на одговорноста за мигрантите кои влегуваат во Европа без дозвола, што е основата на една од најдолготрајните политички кризи во Европа.

Мигрантската криза во Европа започна пред осум години откако повеќе од еден милион луѓе кои бегаа од војната во Сирија влегоа во ЕУ и ги оптоварија прифатните капацитети во Грција и Италија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.