Полскиот заменик-министерот за надворешни работи и комесар за репарации Аркадиуш Муларчик во интервју за германската новинска агенција ДПА изјави дека Варшава сака да го зголеми притисокот врз Германија за исплата на репарации од Втората светска војна.

Прашањето за репарации има фундаментално значење за Полска, ова не е само политичко прашање, туку се работи за достоинството на Полска, посочи Муларчик.

Тој додаде дека „Германија има избор: или ќе седне на преговарачка маса со Полска, или ќе го иницираме прашањето на сите меѓународни форуми – во ОН, во Советот на Европа и во Европската унија.

Муларчик како претседател на парламентарна комисија подготви извештај за воената штета нанесена врз Полска од нацистичка Германија за време на Втората светска војна. Износот на штетата е проценет на 1,3 трилиони евра.

Мора да има дијалог за ова прашање, инаку би било многу лошо за нашето соседство, посочи Муларчик, кој денеска и утре е во посета на Берлин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.