Полскиот премиер Доналд Туск денеска ќе ги посети Франција и Германија, пренесува Ројтерс и посочува дека трите земји-членки на Европската унија сакаат уште поблиску да се поврзат како одговор на зголемените безбедносни ризици.

Со оглед на тоа што војната во Украина ќе влезе во третата година и евентуалното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа, и последователната сомнителна посветеност на САД кон НАТО алијансата, Варшава, Берлин и Париз сметаат дека военото единство е клучно.

„Европа мора да се обедини. Се работи за одговор на прашањето што ќе се случи ако победи Трамп. Немаме време, мораме да имаме поголеми капацитети на одбранбената индустрија“, рече извор во полската влада.

Истиот извор наведува дека на Европа итно и е потребно заедничко производство на оружје и дека Полска повеќе не ја блокира „стратешката автономија“ која има за цел да ја направи Европа помалку зависна од другите.

„Полската влада сега за прв пат вели дека зајакнувањето на европските безбедносни и одбранбени капацитети не е во конфликт со силно НАТО“, рече Дитмар Нитан, германски претставник задолжен за соработка со Полска.

Односите меѓу Полска и Германија се заладија за време на осумгодишното владеење на конзервативната ПиС, бидејќи таа десничарска полска партија го обвини Берлин за сите зла, од миграцијата до енергетската политика.

Но, со враќањето на Туск, поранешниот претседател на Европскиот совет, на чело на владата во Варшава, ќе биде полесно да се оживее „Вајмарскиот триаголник“, платформа започната во 1991 година за политичка соработка меѓу Германија, Франција и Полска.

По средбата на Туск со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шулц ќе следат средби на министрите за надворешни работи на споменатите земји. Според француски дипломатски извор, ова е нов стимул на европскиот проект, важен во изборната година за Европа и за САД.

Според овој извор, главни теми на разговорот ќе бидат борбата против руските дезинформации и помошта за Украина, како и зајакнувањето на европската воена индустрија. Единствената чувствителна тема останува прашањето за германските воени репарации за Полска за уништувањето за време на Втората светска војна.

Своевремено ПиС бараше исплата на 1,3 милијарди евра, но Берлин одби. Новата полска влада се залага за „покреативно“ решение на проблемот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.