Земјите од Европската Унија се договориле да купат огромно количество муниција за Украина, но се уште не можат да одлучат од кого ќе ја набават, објави „Политико“ повикувајќи се на свои извори.

Како што се наведува во текстот, останува прашањето дали договорите за набавка на муниција за Киев ќе се склучуваат исклучиво со компании од ЕУ или тие ќе бидат отворени и за производители од други земји.

Според дипломатите на кои се повикува весникот, официјален Париз се залага договорите за набавка на муниција за Украина да се склучуваат исклучиво со компании од ЕУ. Грција и Кипар ја поддржуваат Франција, што, како што се посочува, е поврзано со желбата да се избегне склучување договор со турските производители на оружје.

Како што се наведува, Европската комисија исто така треба да ги „мапира капацитетите“ на одбранбената индустрија на Унијата пред да го финализира договорот бидејќи постојат стравувања дека таа нема капацитет брзо да ја произведе потребната количина муниција.

Извори на весникот од дипломатски кругови истакнуваат дека и покрај несогласувањата, амбасадорите на земјите од ЕУ се договориле да достават голема количина муниција во Украина. Официјалниот текст на договорот се очекува да биде објавен следната недела.

Лидерите на земјите-членки на ЕУ, на Самитот на 23 и 24 март ја поддржаа идејата за испорака на милион артилериски гранати на Украина во следната година. Планирано е тоа да се реализира со испорака на муниција од европските магацини, преку заеднички нарачки и набавки, како и со зголемување на военото производство на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.