Илјадници пожарникари продолжуваат со борбата против шумските пожари во Португалија, Шпанија и југозападна Франција, предизвикани од топлотниот бран кој не покажува знаци за ослабување.

Во северниот регион на Португалија, еден пилот го загуби животот авионот со кој учествувал во борбата против огнената стихија се урнал во областа Фоз Коа, во близина на границата со Шпанија.

Пожарите продолжуваат да ги пустошат областите на францускиот регион Жиронд, каде повеќе од 12 000 луѓе беа евакуирани.

Истовремено, во јужна Шпанија, во близина на Коста дел Сол, повеќе од 2300 луѓе во паника бегале од пожарот кој се шири на ридовите Михас.

Туристите на плажата во Торемилинос виделе огромни облаци чад како се креваат од ридовите, при што повеќе авиони се борат против огнот.

Во меѓувреме, француските граѓани кои живеат во близина на францускиот југо-западен брег на Атлантикот ја опишаа огнената стихија како „пост-апокалиптична“.

Пожарот во овој дел од Франција и другиот јужно од Бордо уништија речиси 10 000 хектари шуми а против огнот се борат околу 3000 пожарникари.

Како и секогаш, пожарите се предизвикани од страотните горештини и рекордно високите температури . Од вторникот, температурите во Португалија се искачија на 47 степени целзиусови и над 40 степени во Шпанија.

Повеќе од 300 луѓе ги загубија животите од пеколните горештини во двете земји, пренесуваат медиумите во Португалија и Шпанија.

Пожарите во Португалија се во северниот дел од државата, источно од градот Порто.

Огнената стихија во овој дел од Португалија уништи 30 000 хектари шумска површина, најголема по летото во 2017-тата година, кога во оваа држава се ширеше страотна огнена стихија во која животот го загубија околу 100 луѓе.

Покрај овие земји, од пожарите се зафатени и други делови од Медитеранот.

Во Италија, владата објави вонредна состојба по должината на исушеното корито на реката По. Најдолгата река во Италија сега не некои места повеќе наликува на поток.

Во Грција, пожарникарите се борат против огнот југо-источно од Атина и крај северниот брег од Крит.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.