Поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск денеска во божиќната порака повика на прекин на војната во Газа и изнаоѓање трајно решение на конфликтот на Блискиот Исток, истовремено остро осудувајќи го абортусот.
Се залагам за крај на воените операции со нивната ужасна жетва на невини цивилни жртви и повикувам на решение за очајната хуманитарна ситуација со обезбедување хуманитарна помош. Нека има крај на поттикнувањето насилство и омраза. И нека се реши палестинското прашање преку искрен и истраен дијалог меѓу страните, поткрепен со силна политичка волја и поддршка од меѓународната заедница, рече папата во обаќањето од централниот балкон на базиликата „Свети Петар“ пред илјадници луѓе на плоштадот.
Папата повторно го осуди „одвратниот“ напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, кој ја поттикна војната и го повика палестинското движење да ги ослободи еврејските заложници, истовремено барајќи од Израел да дозволи подобра помош во опколената Газа.
Божик оваа година се слави тивко во Светата земја поради војната во Газа меѓу Израел и исламистичкиот Хамас. Речиси нема туристи во Витлеем на Западниот Брег – според традицијата родното место на Исус Христос – и Ерусалим.
Тој рече дека се моли за Украина, Сирија, Јемен, либанскиот народ и за сите земји каде се одвиваат насилни конфликти и ги повика сите да му се придружат во молитвата за прекин на сите војни во светот. Изрази жалење за моќта на индустријата за оружје.
Човечкото срце е слабо и импулсивно, ако оружјето ни дојде при рака, порано или подоцна ќе го искористиме. И како вооопшто може да зборуваме за мир, кога постојано се зголемува производството, продажбата и трговијата со оружје?, забележа папата.
Продолжувајќи ја темата за војната, папата Франциск употреби моќни зборови за да го осуди абортусот. Поглаварот на 1,3 милијарди католици направи споредба меѓу абортусот и страдањето на децата во вооружени конфликти или како бегалци.
Колку невини се убиени во нашиот свет! Во утробите на нивните мајки, во одисеи преземени од очај и во потрага по надеж, во животите на сите оние малечки чие детство е уништено од војна“, рече 87-годишниот папа.
Тој рече дека децата кои умираат во војни, вклучително и во Газа, се „денешните мали Исуси“ и дека ужасно многу невини цивили загинале во израелските напади.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.